Вкупно 26 лица се повредени во сообраќајната несреќа што се случи утринава на патот Блаце- Белољин во Република Србија, во која автобус со македонски регистарски таблички се превртел носејќи патници на еднодневна екскурзија на Копаоник.

Како што информира МНР, во несреќата се повредени 26 лица, од кои 18 се згрижени во болницата во Блаце, додека осум се згрижени во болницата во Прокупље.

Според првични информации од лекарите, згрижените се надвор од животна опасност, додека едно лице во Прокупље е потешко повредено. Засега се сите контактибилни, но за секој случај во болницата во Прокупље се врши и компјутерска томографија за да се утврди прецизно состојбата на повредените. Според неофицијална информација од Болницата во Блаце, Србија, патниците биле претежно од Радовиш.

Од МНР информираат дека Амбасадата на Република Македонија во Белград е во постојана комуникација со надлежните органи.

– Од страна на МВР на Србија-Полиција Блаце сме информирани дека сѐ уште се врши увид на местото на несреќата и засега не можат да дадат подетални информации. На терен е и надлежен јавен обвинител, информираат од МНР.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/12/2019 23:00