Државниот санитарен и здравствен инспекторат и Општина Центар денеска ја најавија Кампањата за едукација за правилно миење раце, кој ќе се спроведе во сите основни училишта во оваа општина.

Кампањата ќе се одвива под слоганот „И суперхероите мијат раце", а целта е да се поттикнат децата и возрасните редовно и правилно да ја одржуваат хигиената на рацете. Истражувањата покажуваат дека токму основните училишта се најчест извор на зарази, а една од причините е што голем дел од децата воопшто не ги мијат рацете додека се на училиште.

Првата едукативна работилница од оваа кампања ќе се одржи на 21 декември во ООУ „Киро Глигоров" и ќе опфаќа едукација на вработените и на учениците во основните училишта.

Д-р Ирина Сотирова – Бухова, директор на Државниот санитарен и здравствен инспекторат изјави дека иако миењето раце изгледа сосема едноставна постапка, сепак не секој, не секогаш и не секаде правилно го изведува тоа.

– Рацете како потенцијални носители на многубројни микроорганизми се од особена важност во ширењето на заразните болести. Како таргет секој пат ги земаме најосетливите групи, односно децата во училишната возраст. Кампањата ја почнуваме во основните училишта во општина Центар со цел да ја продолжиме низ сите други основни училишта на територијата на целата држава, рече Сотирова – Бухова.

Професор Д-р Весна Герасимовска, специјалист интернист истакна дека миењето со сапун ги отстранува бактериите од рацете. Додаде дека ова помага да се спречат инфекции и појава на болести како дијареја, пневмонија и грип, кои се најприсутните заболувања помеѓу децата од училишна возраст.

– Податоците за хигиената на рацете кај децата во основните училишта се загрижувачки. Имено, 58 отсто од нив мијат раце по употребата на тоалет, а сапун употребуваат 28 отсто од девојчињата и само осум отсто од момчињата. Овој недостиг на ефективни практики за хигиена на рацете, честопати доведува до акутно гастроинтестинално заболување кај децата во основното образование, рече Герасимовска.

Градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ рече дека се надева дека оваа општина ќе биде позитивен пример и мотив оваа корисна активност потоа да се реализира и во другите општини низ Скопје и низ целата држава.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/12/2019 01:20