Инспекторите на словенечката Управа за безбедност на храната, во засилени контроли кои почнаа летово, а траеја до ноември, констатираа дека една четвртина од речиси илјада контролирани ресторани и угостителски објекти, не ги исполнува стандардите за безбедност на храната, јави дописникот на МИА од Љубљана.

Според резултатите кои ги објави „Поп-ТВ“, контрола била спроведена во 951 ресторан, од кои дури на 239 им биле издадени службени опомени, а 28 поради констатираните големи неправилности биле привремено затворени. Во пракса тоа значи дека овие субјекти, доколку сакаат повторно да ги отворат објектите, ќе треба прво да ги отстранат нерегуларностите.

Најчести забелешки инспекторите имаа за нечистите ладилници, кујнски прибор и тоалети, а голем проблем е и тоа што е пронајдена и недекларирана храна. Дополнително запленета е и храна со истечен рок, која се подготвувала и продавала на гостите. Во јавноста е објавена и интерактивна мапа, на која граѓаните можат да видат точно во кој угостителски објект се констатирани неправилности и какви се тие.

Сепак, според статистиката на словенечката Управа за безбедност на храната, овие резултати се подобри од минатогодишните кога се откриени уште поголем број ресторани кои не ги почитувале строгите стандарди за безбедност на храната.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/12/2019 20:58