Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски на денешната вонредна прес-конференција го соопшти партискиот став во однос на Изборниот законик како и во однос на предлогот на Владата за назначување на нови амбасадори.

- Би сакал да ве информирам дека преговорите за Изборниот законик практично влегоа во ќор сокак. Но, по вина на власта којашто на подмолен и недемократски начин, сака да протурка решенија во парламентот без претходна дебата и без спротивставување на аргументите.

Заев и СДСМ не се искрени кога вината ја насочуваат кон опозицијата, затоа што нивното коцкање со државата ја носи државата во слепа улица. Ваквото барање само го зголемува сомнежот дека за таквите измени стои стравот од пораз на изборите коишто доаѓаат и мотивите да се злоупотреби изборниот процес, со цел да се фалсификува волјата на граѓаните. Не се случило до сега да се менува изборен модел без консензус, не се случило до сега да се менува изборен модел без да учествуваат сите политички во дискусијата за истиот или барем најголемите.

Ако целта на Заев е да избега од избори и ова да го користи како изговор, треба да знае дека бегање од волјата на граѓаните нема и ќе биде поразен на следните избори, коишто ќе се случат на 12-ти април, бегање од избори нема и бегање од волјата на граѓаните нема, истакна Николоски.

Николоски потенцираше дека работните групи на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ кои преговарале околу изборниот законик постигнале одреден напредок и дека опозицијата се залагала за чист мнозински систем по примерот на Велика Британија, Канада и САД.

- Во изминатите неколку месеци постоеше интензивна комуникација на неформално ниво помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во којашто беше договорено и имаше за цел изнаоѓање на консензус по однос на изборниот модел, како и имплементација на препораките на ОБСЕ и ОДИХР коишто се суштински за фер и демократски избори.

Беше постигнат напредок на почетокот на оваа недела, и напредокот се однесуваше на тоа дека и покрај тоа што СДСМ поднесе законски решенија во собранието, истите да бидат преформулирани, во моментот кога ќе се постигне финално решение. Решението требаше да се однесува како што кажав на двете работи, изборен модел и имплементација на препораките на ОБСЕ и ОДИХР за слободни фер и демократски избори коишто се однесуваат на изборите 2016-та, 2017-та и 2019-та година.

Нашиот став и тогаш и сега беше дека не треба да се брза, туку дека треба да се вклучи целокупната експертска јавност и да се има јавна дебата на која ќе се искристализираат најдобрите решенија. За нас најдобро решение коешто дава најдобар индивидуалитет на пратениците и поврзаност со гласачите од средините од коишто доаѓаат е чистиот мнозински модел по примерот на Велика Британија, Канада и САД. Разговорите беа успешни до пред неколку дена и беше постигнат усмен договор помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Практично заедничкиот став требаше да даде позитивен импулс, додаде Николоски.

Партијата на власт по диктат на Зоран Заев реши на сила и на шверцерски начин да ги турка измените на Изборниот законик во Собранието, без никаков политички консензус, заклучи Николоски.

- Со оглед дека за овие избори согласно препораките на ОБСЕ и ОДИХР, објективно нема доволно време за имплементација на нов изборен модел, како и дека за промена на изборен модел потребни се широки општествени и политички дебати и консензус, двете партии се согласија дека веднаш по завршувањето на парламентарните избори во 2020 година, ќе пристапат во интензивни преговори во насока на постигнување на таков консензус. И втора поента сите прашања во врска со модалитетите и имплементацијата ќе бидат дефинирани на експертско ниво.

Сето ова падна во вода, кога СДСМ реши на сила, шверцерски и еднострано да ги турка нивните решенија низ собраниската процедура без консензус, без широка поддршка и без експертска анализа, спротивно на заложбите од неформалните контакти коишто ги имавме изминативе неколку месеци. Практично уште еднаш на дело имаме тиранија на партијата на власт над останатите политички групи во собранието.

Нема ниту еднаш ваков случај во нашата парламентарна историја на сила да се носат измени на Изборниот законик. И исто како во законот за јазици поради ова лицемерие на Заев и СДСМ и овој проект ќе им се удри од ѕид. На сила и со едноумие, не се владее. СДСМ не може да ја множи со нула волјата на граѓаните, не може да ја множи со нула волјата на опозицијата и останатите политички партии во собранието. заклучи Николоски.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/12/2019 13:13