Непознавање на кодекс, правила и процедури во постапка за именување на амбасадори од страна на вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи доведуваат до нарушен дипломатски углед на Република Македонија, порача Александар Николоски на денешната прес-конференција.

Тој додаде дека вицепремиерот Османи со објавување на имињата на дел од амбасадори на социјалните мрежи, без претходно истите да добијат агремани, ги навредува државите односно организациите каде се испраќа амбасадорот.

- Се проблематизира целиот процес затоа што имаме крајно некредибилни луѓе кои што се испраќаат. Јас за разлика од Бујар Османи, нема да ги коментирам имињата затоа што без разлика на се ја почитувам дипломатската пракса и нема да го уништувам дипломатскиот углед на Македонија, затоа што правилата се јасни, не се излегува со име за кандидат за Амбасадор, додека истиот не добие агреман односно не биде прифатен од државата односно организацијата во која што се испраќа. Најголема навреда за државата односно организацијата во која што се испраќа ополномоштен амбасадор е вие да го соопштите името пред истата држава да се согласи, односно да даде агреман дека истиот може да е претставник на Македонија во таа држава.

И во таа насока, очигледно некои функционери во владата без разлика што долги години седат таму не ги прочитале основните кодекси и не ги прочитале основните правила на однесување, истакна Николоски.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/12/2019 13:28