Посетите на театар, музеј или уметничка галерија можат да го продолжат животот. Според истражувањата на Универзитетскиот колеџ во Лондон (УКЛ), колку почесто се зема доза култура, толку е подобро.

Имено, податоците откриваат дека луѓето кои имаат активен контакт со уметноста, на секои 3-4 месеци или повеќе, го намалуваат ризикот од рана смрт за дури 31 отсто во однос на луѓето кои не го прават тоа. Дури и ако се оди во музеј или театар еднаш или двапати годишно, може да се намали ризикот од рана смрт и до 14 отсто, се вели во студијата.

Истражувањето опфатило податоци од 6.000 лица во Англија, на возраст од 50 години нагоре.

– Иако другите здравствени фактори, како што се пушење цигари, пиење алкохол и вежбањето имаат поголемо влијание на долговечноста, забавата и активностите во слободно време, на кои луѓето не гледаат како на здравствени активности, исто така имаат удел во однос на доброто здравје, изјави Дејзи Фанкурт, професорка на УКЛ и авторка на трудот објавен во списанието „БМЈ“.

Истражувањата траеле 12 години, а анализата на податоци една година. Притоа се броело колку често доброволците-испитаници оделе на концерт, опера, во уметнички галерии, музеј и колку се занимаваат со некаков вид уметност. Од испитувањето било исклучено киното. Користени се и податоци од британската Национална здравствена служба.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/12/2019 13:52