Во втората категорија во која беше номиниран нашиот филм „Медена земја“ – Најдобар интернационален филм, Оскарот го доби јужнокорејскиот „Паразит“, победникот од Канскиот фестивал, кој вечерва имаше шест номинации.

Оваа одлука во улога на презентер од сцената во театарот „Долби“ во Лос Анџелес ја соопшти актерката Пенелопе Круз. Наградата ја прими режисерот Бонг Џун-Хо.

Хитот „Паразит“ е црна комедија за класните разлики во јужнокорејското општество. Раскажува за сиромашно семејство кое со измами и интриги се вовлекува во домот на богати сограѓани во Сеул. „Паразит“ е меѓу филмовите со најголема заработка во националната кинематографија.

„Медена земја“ не ја освои посакуваната златна стауетка и за македонската кинематографија се повтори 1995-та кога во трка беше „Пред дождот“ на Милчо Манчевски, а Оскарот во категоријата странски филм (тогаш: неанглиско говорно подрачје) го доби рускиот „Изгорени од сонцето“ на Никита Михалков.

Номинирани во категоријата интернационален филм вечерва беа и шпанскиот „Болка и слава“ на Педро Алмодовар, полскиот „Корпус Кристи“ на Јан Комаса и францускиот „Клетници“ на Лаџ Ли.

Конкуренцијата за „Медена земја“ беше силна и во претходната категорија – документарен филм во која победничкиот „Американска фабрика“ исто така беше фаворит. За овој филм, продуциран од компанијата на поранешниот американски претседател Барак Обама и неговата сопруга, Мишел Обама, пред почетокот на 92. церемонија на Оскарите беше соопштено дека ја доби и престижната американска награда „Независен дух“.

За најдобар документарен филм во 2019 имаше 159 кандидати, а за најдобар странски конкурираа 91 филм од цел свет. По две селекции, Американската филмска академија ги соопшти номиниранитена 13 јануари.

И покрај ваквиот исход од гласањето за Оскарите, оваа ноќ во Холивуд е врв на успехот на „Медена земја“ чиј блескав пат беше навестен уште на неговата светска премиера минатиот јануари, со триумфот меѓу документарните филмови на американскиот фестивал „Санденс“.

Филмот на режисерите Тамара Котевска и Љубо Стефанов, снимателите Фејми Даут и Самир Љума, продуцентот и монтажер Атанас Георгиев доби 30-ина награди на фестивали. Ја освои публиката и филмската критика со креативноста на екипата која направи совршен 85-минутен филм и со пораката на Атиџе Муратова – медот да се подели со пчелите, во чија едноставност има моќна опомена за опстанокот на планетата



Автор: Администратор
Објавено на: 10/02/2020 05:45