Од почетокот на грејната сезона, заклучно со 31 јануари годинава новиот енергетски капацитет, когенеративната гасна електрана КОГЕЛ има произведено 14.000 MWh електрична енергија и 2.622 MWh топлинска енергија, соопшти денеска АД Електрани на Македонија.

Оттаму истакнуваат дека од пуштањето во употреба во октомври минатата до досега производството во КОГЕЛ се одвива според предвидениот план и во согласност со енергетскиот биланс.

– Значењето на КОГЕЛ како енергетска постројка особено дојде до израз во јануари годинава, кога во услови на континуирани ниски надворешни температури покажа одлични перформанси и стабилност во производството на електрична и на топлинска енергија, со оглед на тоа што гасните мотори во КОГЕЛ овозможуваат брзо вклучување во работа и брза синхронизација, што е од исклучителна важност за стабилноста на електроенергетскиот систем, стои во соопштението.

Преку овој производствен капацитет кој е инкорпориран во подружницата „Енергетика“ со парно греење се снабдуваат околу 3.500 домаќинства, 17 основни и средни училишта и градинки, како и повеќе од 75 правни субјекти од населбите Автокоманда, Железара, Триангла, Маџари и Хиподром. Во подружницата, истакнува енергетската компанија, постојано се работи на зголемување на базата на корисници на топлинска енергија, а во иднина се очекува поврзување со новоизградените објекти во населбите Хиподром, Бутел и Чаир.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/02/2020 11:25