Во штипската населба Деснаци во реонот на Спортско рекреативниот центар Суитлак денеска и официјално почна изградбата на затворениот базен.

Директорот на Агенцијата за млади и спорт Дарко Каевски и градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски истакнаа дека оваа инвестиција доаѓа од централната власт, а чини над 38 милиони денари.

Каевски забележа дека изградбата на затворениот базен во Штип е дел од проектот за изградба на 14 пливачки базени во земјава, кои ги задоволуваат стандардите и за организирање меѓународни натревари.

-Денеска спортистите и сите граѓани треба да се радуваат и да се среќни бидејќи почнуваме со еден капитален објект, којшто е од суштинско значење за Општина Штип. Овој базен ќе биде пред се во насока, колку што може повеќе најмладите генерации, дечињата да ги поттикне стимулира, мотивара да спортуваат и со тоа да водат еден здрав начин на живот. Се повеќе сме свесни дека има штетни влијанија пред се кон децата, во делот на сколиози, зголемена телесна тежина, деформитети, коишто дополнително придонесуваат за нарушување на здравјето на нашата популација, рече Каевски.

Тој истакна дека токму пливањето е еден од начините за децата да ги надминат и коригираат деформитети.

-Димензиите на овој базен ќе бидат 25 метри должина со девет метри ширина, рокот на изведба за овој затворен пливачки базен е 18 месеци, но во разговор со изведувачите прогнозираат, односно велат дека може да се случи да се заврши и до крајот на годината или почетокот на 2021 година, со што Штип ќе добие современ затвотрен пливачки базен, вели Каевски.

Прашан кои други општини од источниот и југоисточниот регион ќе имаат вакви затворени пливачки базени, Каевски вели дека во втората фаза се опфатени и општините Кочани и Струмица.

Градоначалникот на Општина Штип, Бочварски истакна дека учениците, спортистите и граѓаните ќе добијат енергетски ефикасен објект, кој ќе ги задоволува сите стандарди и овој ден какошто рече е значаен, бидејќи во историјата на Штип за првпат се гради затворен базен.

-Со што ги надминуваме сите оние неправди и неоставрени ветувања, коишто во минатото се случуваа во однос на изградба на еден затворен базен. Направивме доста напори за изградба на овој базен, но убеден сум дека ја избравме најдобрата локација, во оваа спортска зелена зона Суитлак и веруваме дека наскоро ќе биде вистинско место за спорт и рекреација, вели Бочварски.

Тој истакна дека во оваа зона се очекува да се градат и други спортски содржини, односно терени, за поквалитетен живот на граѓаните на Општина Штип.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/02/2020 15:26