Крајно време е да се донесе одлуката за започнување на пристапните преговори со Македонија. Новата методологија го поедноставува и го прави процесот потранспарентен, не покомплексен. Граѓаните на земјите кандидати како и граѓаните на ЕУ, треба да го почувствуваат благодетот од проширувањето побрзо и поконкретно и мислам дека новата методологија успеа да го стори тоа, вели во интервју за МИА Дачијан Чолош, лидер на политичката група Обнова на Европа во Европскиот Парламент.

-Групата Обнови ја Европа беше во првите редови во размислувањето за ревидирање на методологијата на преговорите за пристапување во ЕУ. Целта беше да се добие поголем политички пристап. Сакавме преговорите да престанат да бидат само прилагодување кон законодавството на ЕУ. Преговорите е потребно да бидат отворени кон граѓаните и граѓанското општество. Покрај тоа, граѓаните на земјите кандидати како и граѓаните на ЕУ, треба да го почувствуваат благодетот од проширувањето побрзо и поконкретно. И мислам дека новата методологија успеа да го стори тоа и тоа го поедноставува и го прави процесот потранспарентен, не покомплексен. На пример, и ова е важна предност на новата методологија, земјите кандидати на ЕУ ќе имаат можности да пристапат во областите на политиката на ЕУ дури и пред официјалниот датум за влез во ЕУ. Ве уверам дека Европскиот парламент, а особено мојата група Обнова на Европа, ќе посветиме големо внимание на тоа како Комисијата всушност ќе ја спроведе методологијата штом ќе биде усвоена, вели Чолош.

Според него, земјава направи многу важен напредок во последните месеци, вклучувајќи го и законот за јавно обвинителство кој неодамна беше донесен и е подготвена за почеток на преговори за членство.

-Европскиот совет веќе предолго го одложува донесувањето на одлуката за започнување на пристапните преговори со Македонија. Мислам дека е крајно време да се донесе оваа одлука. Се надевам и повикувам на договор во Европскиот совет во наредните недели, вели европратеникот и претседавач на либералите Чолош.

Тој истакнува дека во поглед на изборите, неопходно е тие да се спроведат во согласност со европските стандарди, да бидат слободни и фер.

-Претстојната кампања треба да биде искористена како можност за политичките партии да ги искажат своите конкурентски визии за тоа како да се реформира земјата откако ќе се отворат преговорите, што ќе се случи наскоро. Отворањето пристапни преговори е само почетна точка. Она што е важно е дека реформите и подобрувањата не се прават за ЕУ, туку се преземаат со цел да се подобри животот на македонските граѓани во нивната земја, вели Чолош, кој неделава беше во куса посета на земјавата заедно со европратеникот и известител за С. Македонија во Европскиот парламент Илхан Ќучук и двајцата членови на истата група и оставри средби со државниот врв и со лидери на политички партии.

Групата Обнова на Европа брои 98 членови во Европскиот парламент и е трета по големина парламентарна група. Поддржува проширување и зсилен ангажман со земјите од Западен Балкан и нивната перспектива во рамките на ЕУ. Во ЕК е застапена со шест еврокомесари. Следи целосното интервју на Чолош за МИА.

ЕК ја презентираше новата предлог методологија за преговорите за проширување со која се сака да се врати кредибилиетот на ЕУ и да се овозможи предвидливост и динамичност на процесот, со поголемо политичко управување. Дали сметате дека новата методологија ќе го усложни процесот на преговори со внесувањето повеќе условености со оглед дека дел од експертите предупредуваат дека процесот се усложнува и политички и технички? (проблематично останува прашањето на поставување и мерење на исполнетоста на условите – одредниците, особено со внесувањето на економските критериуми и јавната администрација во преговорите)

-Групата Renew Europe (Обнови ја Европа) беше во првите редови во размислувањето за ревидирање на методологијата на преговорите за пристапување во ЕУ. Целта беше да се добие поголем политички пристап. Сакавме преговорите да престанат да бидат само прилагодување кон законодавството на ЕУ. Преговорите е потребно да бидат отворени кон граѓаните и граѓанското општество. Покрај тоа, граѓаните на земјите кандидати како и граѓаните на ЕУ, треба да го почувствуваат благодетот од проширувањето побрзо и поконкретно. И мислам дека новата методологија успеа да го стори тоа и тоа го поедноставува и го прави процесот потранспарентен, не покомплексен. На пример, и ова е важна предност на новата методологија, земјите кандидати на ЕУ ќе имаат можности да пристапат во областите на политиката на ЕУ дури и пред официјалниот датум за влез во ЕУ. Ве уверам дека Европскиот парламент, а особено мојата група Обнова на Европа, ќе посветиме големо внимание на тоа како Комисијата всушност ќе ја спроведе методологијата штом ќе биде усвоена.

Усвојување на новата методологија за пристапување беше услов од Франција за продолжување со процесот на проширување. Дебатата во ЕУ е во тек за документот што го предложи ЕК и треба да се усвои на самитот на ЕУ на 26 март. Дали може да се очекува нашата земја да добие датум за преговори на самитот во март со оглед дека треба едногласно да се донесе од сите 27 земји членки?

-Новата методологија има предност да одговори на загриженоста која претходно беше изразена од земјите-членки, така што сум убеден дека ќе ја добие потребната поддршка. Во наредните недели, Европскиот парламент ќе расправа и за предлогот на Европската комисија.

Македонскиот Парламент пред распуштањето го усвои Законот за јавно обвинителство што од Брисел беше подигнат речиси на ниво на формален услов за отпочнување на преговорите (на барање на Франција, Холандија и Данска). Ќе има ли тоа влијание на евентуален позитивен извештај за Македонија што ЕК треба да го објави на 4 март. Дали Македонија со позитивен извештај може да очекува да добие датум на самитот на ЕУ на 26 март?

- Македонија направи многу важен напредок во последните месеци, вклучувајќи го тука и законот за јавни обвинители кој неодамна беше донесен. Сметам дека Македонија е подготвена за почеток на преговори за членство. Се надевам и повикувам на договор во Европскиот совет во наредните недели.

Пред земјата се предвремени парламентарни избори закажани за 12 април кои уследија по Октомврискиот самит на ЕУ на кој и покрај ветувањата на Унијата не беше донесена одлука за старт на преговори. Дел од аналитичарите сметаат дека ако датумот се донесе на 26 март, Брисел ќе влијае на изборите. Каков е вашиот став?

-Европскиот совет веќе предолго го одложува донесувањето на одлуката за започнување на пристапните преговори со Македонија. Мислам дека е крајно време да се донесе оваа одлука. Во поглед на изборите, неопходно е тие да се спроведат во согласност со европските стандарди, да бидат слободни и фер. Претстојната кампања треба да биде искористена како можност за политичките партии да ги искажат своите конкурентски визии за тоа како да се реформира земјата откако ќе се отворат преговорите, што ќе се случи наскоро. Отворањето пристапни преговори е само почетна точка. Она што е важно е дека реформите и подобрувањата не се прават за ЕУ, туку се преземаат со цел да се подобри животот на македонските граѓани во нивната земја.

Дали постои можност за евентуално одвојување на Македонија и Албанија овој пат, ако ние добиеме позитивен, а Тирана добие да кажам помалку позитивен извештај од ЕК следниот месец. Дали Европскиот совет овој пат би ги раздвоил земјите ако се повтори истото сценарио?

-Не можам да зборувам во името на Европскиот совет, но можам да ве уверам дека мнозинството од групата Обнова на Европа во Европскиот парламент го поддржува отворањето на пристапни преговори и со Македонија и со Албанија.

Виолета Геров



Автор: Администратор
Објавено на: 23/02/2020 08:15