Во пресрет на предвремените парламентарни избори на 12 април, в среда (26 февруари) треба да започне јавниот увид во Избирачкиот список што завршува на 11 март на полноќ. Според информациите, Државниот завод за статистика ги обработува податоците од Избирачкиот список, што до нив и до ДИК ги доставило МВР. В среда започнува и десетдневниот рок за собирање потписи на избирачите за предлагање кандидати за пратеници.

Избирачите своите податоци во Избирачкиот список можеа да ги проверат и пред овој рок, преку апликацијата на веб страната на ДИК www.sec.mk.

Според Роковникот на ДИК, најдоцна 10 дена од денот на распишувањето на изборите Избирачкиот список се става на јавен увид кој може граѓаните да го направат во подрачните одделенија и месните канцеларии на Комисијата, но своите податоци, исто така може да ги проверат и преку апликацијата ставена на веб-страницата на ДИК.

Во истиот период од 26 февруари до 11 март граѓаните можат да поднесат барање за запишување, дополнување или бришење на податоци во Избирачкиот список и тоа во подрачните одделенија и месни канцеларии на Комисијата.

Увид во Избирачкиот список ќе им биде овозможен и на затворениците и лицата во притвор во казнено-поправните установи. Барањето за запишување, дополнување или бришење на податоците во посебните изводи на Избирачкиот список за време на јавниот увид државјаните на Република Северна Македонија кои се во притвор или се наоѓаат на извршување казна затвор го поднесуваат преку органот надлежен за извршување на санкциите до ДИК најдоцна до 11 март.

Јавниот увид на 26 февруари започнува и за македонските државјани кои живеат или работат во странство и тој може да се направи во дипломатско-конзуларните претставништва. ДИК преку Министерството за надворешни работи ги доставува до ДКП и конзуларните канцеларии посебните извори од Избирачкиот список за лицата на привремена работа или престој во странство врз основа на евиденцијата од надлежен орган, за ставање на јавен увид.

Барањето за запишување, дополнување или бришење на податоците во посебните изводи од Избирачкиот список за време на јавниот увид, државјаните на Република Северна Македонија кои се на привремена работа или престој во странство го поднесуваат преку апликацијата со лична електронска пошта до ДИК.

Од денот на распишувањето на изборите до завршувањето на јавниот увид државјаните на РСМ кои се на привремена работа или престој во странство можат да достават пријава своерачно потпишана или испратена преку апликацијата со лична електронска пошта со која се пријавуваат за гласање на претстојните избори.

Пријавата, ДКП/КК веднаш, а најдоцна во рок од два дена по завршувањето на јавниот увид ја доставува по електронска пошта до МР, а МНР најдоцна во рок од 24 часа од денот на приемот на истите ги достасува до ДИК.

По барањата и пријавите на граѓаните ДИК е должна да одлучи со решение во рок од 24 часа од денот на приемто на барањето. Против решението со кое се одбива барањето, граѓанинот во рок од 24 часа по приемот на решението може да поднесе тужба до Управниот суд по електронски пат. По тужбата УС решава во рок од 24 часа по нејзиниот прием и одлуката веднаш му ја доставува на тужителот по електронски пат.

ДИК во рок од пет дена (до 16 март) од денот на завршување на јавниот увид, Избирачкиот список го доставува до политичките партии.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/02/2020 14:37