Со излагања на двајца еминенти професори, од Грција и Бугарија, денеска во Штип почна меѓународниот научен симпозиум „Дерматологија 2020“ во организација на Факултетот за медицински науки при Универзитетот „Гоце Делчев“.

-Од областа на дерматовенерологијата ќе разговараме за многу теми, а почнуваме со излагањето на Николај Цанков, почесен професор на нашиот универзитет во Штип и дописен член на Бугарската академија на науките, едно од најмаркатните имиња во бугарската дерматовенерологија. Професорот Андреас Кацамбас, пак, од Грција е докажан пријател на факултетот и човек со огромно искуство, изјави универзитетскиот професор, Андреј Петров пред почетокот на симпозиумот.

Според професорите од Бугарија и Грција, на симпозиумот ќе бидат отворени најактуелните теми и проблеми во дерматологијата.

– Ќе зборуваме за најактуелните проблеми, а за некои од нив, сигурен сум, ќе се понудат и решенија, истакна професорот Цанков од Бугарија.

Професорот Кацамбас од Грција е втор пат во Штип. -Со задоволство следам како се развиваат Универзитетот и дерматологијата во оваа земја. Секоја година програмата е подобра и навистина е задоволство да се соработува со дерматолозите овде, истакна Кацамбас.

На научниот симпозиум што ќе продолжи утре во Скопје, учествуваат научници од сите делови на Балканот.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/02/2020 18:15