В понеделник по Конгресот на СДСМ ќе бидат познати изборните листи за престојните предвремени парламентарни избори, закажани за 12 април. На огласот се пријавиле околу две илјади кандидати, по првичните селекции на локално ниво останале околу илјада и тие понатаму се селектираат на централно ниво на партијата, согласно анализите и анкетите, но и согласно препораките на селекционата комисија.

ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, пак, официјално листите со кандидати на пратениците за изборите на 12 април ќе ги презентира на јавен настан што ќе се одржи во среда на 11 март. Како што рече во средата лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, претходно кандидатите и носителите на листите треба да бидат потврдени на седница на Централниот комитет што ќе се одржи на 10 март во вторник.

Лидерот на СДСМ Зоран Заев вчера рече дека имињата на некои од кандидатите во одредени населени места се познати, но повеќето се уште се во процес на избор за учество на листите.

Заев најави дека за конечните листи ќе одлучат в понеделник на Конгрес. – Викендов ќе ни биде работен, верувам дека до последно како стигнуваат анализите, анкетите, истражувањата, кои се водилка во извештаите во селекционата комисија, по што ќе се сублимира конечноста на одлуките поврзана со кандидатите. Ќе можеме да соопштиме во понеделник, некои места ги знаеме, но голем дел уште не се знаат, рече Заев.

Во врска со тоа дали со БЕСА ќе одат со заедничка листа на изборите, поради изјавата на претседателот на ДИК Оливер Дерковски дека со тоа БЕСА ќе загуби членови во Комисијата, но и во избирачките одбори, Заев рече дека коалицијата е објавена, на изборите ќе настапат со заедничка пратеничка листа и со заедничка програма. Додаде дека законот е јасен за сите аспекти и фази на изборите.

Нагласи дека до денеска БЕСА и Алијанса за Албанците се во опозиција и тие генерираа опозициско дејствување и затоа имаат одредено право извлечено од аспект на опозициски партии.

– Е сега тоа што знаат дека БЕСА ќе биде владејачка партија, тоа е друга работа. Не треба да се водиме од очекувањата во иднината, истакна лидерот на СДСМ.

Во врска со можност за соработка со ДПА на Мендух Тачи, Заев вели дека деновиве е можно да се одржи состанок и да се видат резултатите од него.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/03/2020 10:10