По презентираните проекти од областа на образованието, културата и животната средина, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски објави и низа на проекти за подобробрување на здравствениот систем во Македонија, проекти со кои ќе ја бара довербата од народот на претстојните парламентарни избори.

- Се обврзуваме на обнова која ќе значи изградба на капитален проект за воспоставување на национална мрежа на 4 нови клинички центри што ќе подразбира нов квалитет во македонското здравство. За прв пат досега интегриран систем од 4 клинички центри и тоа:

Клиничкиот Центар „Мајка Тереза“.

Универзитетскиот Клинички Центар „8 септември“, кој што практично планираме да го трансформираме во Клинички Центар кој е планирано да работи под административна капа на Клиничкиот Центар „Мајка Тереза“.

Воспоставување на Универзитетска клиничка болница Штип што ќе опфати подигнување на нивото на сегашната болница.

Воспоставување на Универзитетска клиничка болница Тетово.

Со ваквите 4 центри здравството ќе стане подостапно за граѓаните и ќе се спасат повеќе животи.

Се обврзуваме на обнова која ќе опфати реконструкција на болниците во Велес, Кичево, Струмица, Струга и Битола. Со тоа ќе овозможиме квалитетни услуги и поголемо достоинство на луѓето со загрозено здравје.

Се обврзуваме на обнова која ќе опфати реконструкција и модернизација на Универзитетска клиника за Хируршки болести „Св. Наум Охридски“ Скопје, односно Градската Болница. Така што Скопје ќе добие современа болница каква што заслужува.

Се обврзуваме на обнова која ќе значи воспоставување на модерен вистински ургентен траума центар. Поради растот на популацијата во Скопје и драстично зголемениот број на сообраќајни повреди и потребата од брзо, благовремено и адекватно реагирање, предвидуваме нов модерен ургентен траума центар.

Се обврзуваме на обнова со која ќе обезбедиме за 20% повисоки плати во здравството за сите. Мора да имаме задоволни вработени во здравствениот систем кој ќе ја градат иднината тука во државата. Затоа предвидуваме линеарно во еден четиригодишен мандат континуиран раст од вкупно 20% на платите на лекарите, стоматолозите, средниот медицински персонал и техничкиот и административниот персонал.

Истовремено се обврзуваме да веднаш во првите 100 дена да интервенираме во законот, каде што ќе се овозможи на медицинскиот персонал, лекарите, техничкиот персонал заедно со лекарите да можат покрај услугите кои што ќе ги даваат во државното здравство, да даваат услуги и во приватното здравство. И обратен процес, да може лекарите кои што даваат услуги во приватното здравство да можат да даваат услуги во државното здравство.

Се обврзуваме на обнова со која што ќе овозможиме утврдување на достоинствена гарантирана плата за специјализанти и платени дежурства. Со тоа ќе го заштитиме нивниот стандард, но и воедно ќе ги поттикнеме истите тие да се развиваат. Оние кои преставуваат иднина на македонското здравство мора да ги направиме да бидат задоволни и да имаат платен труд.

Се обврзуваме на обнова која ќе значи ревидирање на позитивната листа, повеќе бесплатни лекови за ранливите групи. Ќе се ревидира листата на лекови, што ќе значи повеќе бесплатни лекарства за оние на кои тие им се најпотребни.

Се обврзуваме на обнова со која ќе воведеме здравство без хартија, укинување на рецептите и услуги само со лична карта. Ова подразбира Целосна дигитализација на рецепти, упати, извештаи и резултати. Дигитализација на радиолошките единици, нивно поврзување во единствен центар за да се скратат процедурите и да им се олесни пристапот до здравствениот систем на граѓаните. Системот ќе биде дигитализиран во сите делови, од подигнување електронски рецепти кај матичниот лекар, до добивање медицински извештаи. Електронски издадената рецепта од лекарот, ќе може да се подигне во било која аптека со документ за лична идентификација од страна на пациентот или негов близок.

Се обврзуваме на обнова која ќе значи зајакнување на дежурните служби и итна медицинска помош, ова значи дека ќе работиме на поголема достапност во текот на 24 часа на здравствените услуги за граѓаните.

Се обврзуваме на обнова која ќе значи ослободување од административни процедури на матичните лекари. Освен тоа што предвидуваме континуиран раст и на вредносната капитација кај матичните лекари, ќе воведеме и електронско работење и ослободување од десетици административни процедури кои сега им одземаат време и пари на матичните лекари.

Се обврзуваме на обнова преку која ќе изградиме Здравство ориентирано кон пациентите. Затоа ќе донесеме Национална здравствена стратегија заснована на следните постулати: Зајакнување на јавното здравство – заради тоа што лекарите и здравствените работници треба да останат во Македонија и тука во јавното здравство; Зајакнување на примарното здравство, стоматологијата и превентивата; Оптимизација на здравствениот систем, ориентиран кон бенефит за пациентот; и конечно Нулта корупција во здравството, која што ќе опфати како заклучок Интегрирање и функционално реорганизирање на здравствените единици, истакна Мицкоски на презентацијата на изборните проекти од областа на здравството,



Автор: Администратор
Објавено на: 09/03/2020 02:12