Основното јавно обвинителство – Скопје денеска до скопскиот Основен кривичен суд поднесе обвиненија против три лица кои извршиле кражби во одделни кривично правни настани.

Како што информира од Јавното обвинителство, со Обвинителен предлог се опфатени двајца скопјани на возраст од 29 и 44 години, кои во периодот од 16 до 19 февруари 2020 година од викенд куќа лоцирана во скопското село Идризово одзеле предмети во вкупна вредност од 66.000,00 денари.

– Обвинетите се протнале под дрвената ограда на викенд куќата, се качиле по надворешните скали на повисокиот кат и со тврд погоден предмет ја отвориле вратата. Потоа на ист начин ги отвориле сите врати во објектот, по што одзеле алат, спортска опрема, книги, куфери и обувки. Со овие дејствија обвинетите како соизвршители го сториле кривичното дело „тешка кражба“, се наведува во соопштението на скопското обвинителство.

Исто така, денеска до судот е поднесено обвинение против уште едно лице, кое се товари за сторени кражби.

– Обвинетиот, скопјанец на 48-годишна возраст, на 18 февруари 2020 година во 13.00 часот влегол во продажен салон за техничка опрема во Градскиот трговски центар во Скопје. Ја искористил зафатеноста на вработените со купувачи, па одзел од еден од рафтовите звучник со вредност од 15.490 денари. Потоа незабележан, го напуштил местото, информираат од скопското обвинителство.

Воедно, 48-годишниот скопјанец извршил втора кражба на 3 март 2020 година во 14.00 часот, кога влегол во продавница за спортска опрема во Градскиот трговски центар во Скопје и со совладување препреки успеал да одземе облека со вкупна вредност од 9.980 денари.

– Тој зел три парчиња облека, влегол во гардеробата и на две од нив со употреба на сила ги оштетил алармните системи. Ги облекол двете парчиња под својата облека, па излегол од гардеробата и третото парче го вратил на касата, по што заминал, велат од обвинителство.

Со тоа обвинетиот ги сторил кривичните дела „кражба“ и „тешка кражба“.

Јавниот обвинител ги зеде предвид околностите во кои биле извршени кривичните дела, како и постоењето опасност од бегство на тројцата обвинети, па до Основниот кривичен суд – Скопје достави и посебни предлози за продолжување на мерките притвор, кои Судот веќе им ги определи на обвинетите.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/03/2020 15:45