Уште три лица од Кочани заработија кривични пријави за непочитување на законските одредби за домашна изолација, а уште за деветмина се доработуваат доказните материјали, по што и за нив ќе следи истата постапка.

Во моментот обврска за самоизолација имаат 145 лица од Кочани и повеќето се придржуваат кон мерката, но за 14 од нив се очекува да бидат оформени и доставени пријави до Основното јавното обвинителство.

– Полициските службеници кои биле во контрола на домовите не ги нашле лицата кои дошле од државите со висок и средно висок ризик, поради што имале обврска да останат во домашна самоизолација. За сите нив е побарана документација од граничните премини на кои поминале и по соодветната доработка на предмети ќе се постапи соодветно на законските одредби од Кривичниот законик, информираа од Кризниот штаб на Општина Кочани.

Претходно од кочанската полициска станица беа поднесени кривични пријави за две лица за непочитување на мерката самоизолација и тие се соочуваат со парична казна од 2.000 евра во денарска противвредност.

Од општинскиот Кризен штаб упатија апел до сите граѓани кои ќе се вратат во татковината да ги почитуваат законските прописи, затоа што полициски службеници по неколкупати дневно ќе прават проверки во нивните домови.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/03/2020 13:51