Огромен предизвик од пандемијата со Ковид 19 е да се надмине економската криза што следува, а која несомнено ќе ги зафати сите дејности. Во тие услови потребен е забрзан технолошки развој и креирање ефикасни производни процеси, а при тоа да се прави оптимизација на вложените средства, за што најодговорна улога имаат инженерите. Тоа е особено важно за индустријата во малите земји, како што е нашата, кои многу повеќе се подложни на економски потреси, вели во интервју за МИА Христина Спасевска, претседател на Инженерската институција на Македонија.

Во оваа ситуација, истакнува Спасевска, да се надеваме дека газдите и менаџерите на големите компании и корпорации ќе донесат правични решенија што овозможуваат финансиски опстанок на нивните работници, наместо да се трудат да го зачуваат или зголемат својот капитал.

Спасевска, која е редовен професор на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) во Скопје, во интервјуто говори за јубилејот – 100 години инжинерство во државава, предизвиците на инженерската фела, пораките до младите инженери.

Нашата држава одбележува сто години од воспоставување на инженерството. На 21 март 1920 година во Скопје се основа „Здружение на југословенските инженери и архитекти – Секција Скопје“. Јубилејот го одбележувате во драматичен период со пандемијата Ковид-19 која ги погоди сите дејности и го промени начинот на живот и работа на многу луѓе и професии. Како се одразува целата состојба на инженерската фела во државава и воопшто и каква ќе биде нејзината улога во справувањето со овој предизвик?

Инженерите по правило се аналитични личности, кои носат одлуки основани на мерења или податоци, со цел систематско решавање на дадена ситуација. Токму сега, кога сме соочени со вирусот Ковид-19, сведоци сме дека само со голема аналитичност може да се предвидат следните чекори на временската линија од пандемијата. Свесни сме дека оваа пандемија, со неспецифични карактеристики, каква што не памети модерниот свет, ќе го смени засекогаш, се надевам на подобро, приватниот, општествениот и професионалниот живот на човекот.

Но, она што навистина ќе биде огромен предизвик, е да се надмине економската криза што следува, а која несомнено ќе ги зафати сите дејности. Во тие услови потребен е забрзан технолошки развој и креирање на ефикасни производни поцеси, а притоа да се прави оптимизација на вложените средства, за што најодговорна улога имаат инженерите. Тоа е особено важно за индустријата во малите земји, како што е нашата, кои многу повеќе се подложни на економски потреси. Во оваа ситуација, да се надеваме дека газдите и менаџерите на големите компании и корпорации ќе донесат правични решенија што овозможуваат финасиски опстанок на нивните работници, наместо да се трудат да го зачуваат или зголемат својот капитал.

Што порачувате со слоганот „Еден век партнерство за одржлив развој“ и како придонесува инженерството за постигнување на целите за одржлив развој на ООН и одговорна потрошувачка и производство?

Кога невладина организација како што е Инженерската институција на Македонија, составена од голем број здруженија, како резултат на ангажманот и посветеноста на група професионалци од сите инженерски дисциплини, во различни форми опстојува еден век, секако многу е значајно да се креираат вистинските политики што би го одржало тоа партнерство. Бидејќи само со партнерство и интердисциплинарна соработка можат да се постигне одржлив развој. Секогаш кога се воведуваат нови технологии и иновации, што секако го прават живот на човекот полагоден, мора да се спроведе сериозна анализа како тие во целина влијаат на животната средина.

Прераснавме во потрошувачко општество што има потреба од сè повеќе и повеќе материјални добра, а енормното производството зад себе остава еколошки последици уште во производниот процес, но и во зголеменото количество на отпад. Секако не значи да се застане со идустрискиот развој и да не се произведува, токму напротив! Треба само ова да го имаат во предвид инеженерите, кои ја играат најзначајната улога во поставувањето на нови производни процеси. Па слоганот на јубилејот всушност претставува еден вид апел до нив.

Исто така, за сите еколошки предизвици, па и за загадувањето на воздухот, инженерската фела работи на нови решенија, но она што недостасува за тие да бидат реализирани е посуштинска соработка помеѓу нив и луѓето што ги креираат и спроведуваат политиките за тоа.

Што би издвоиле за значењето на оваа професија за развојот на државата?

Во многу клучни моменти во развојот на нашата држава, инженерите преку своите здруженија биле подготвени заеднички да дејствуваат. Тоа го направиле уште на почетокот на своето самостојно здружување во 1925 година, кога отворено се залагале за електрификација и изградба на транспортната инфраструктура на овие македонски простори. Исто така, веднаш по завршувањето на втората светска војна, следејќи ги заклучоците на АСНОМ, инженерите се вклучиле во изградбата на земјата и нејзина индустријализација. Од тогаш, па до денес, се направени и најголемите индустриски гиганти и инфраструктурни објекти.

Кои се најголемите достигнувања на нашите инженери и на државата?

Секако тоа се комплексните проекти, независно дали се градежни или производствени, кај кои знаењето, професионализмот и истрајноста на инженерите да се направи монументално дело значи повеќе од финансиските ресурси. Но, она што не би требало да се изостави кога се величат грандиозните дела на инженерите, е да се спомнат нивните учители. Поголемиот дел од заслугата за формирањето на добар инженер секако ја имаат нивните учители и тоа уште од почетокот на школувањето. Работата со млади кои имаат инженерски способности секогаш е предизвик, затоа што инженер се станува со решавање на проблеми, а не со читање книги. Па учителот многу често поставува проблеми на кои има очекувано решение. Но, понекогаш се случува да добиеме и точни решенија што не ги очекуваме, најчесто тоа се решенија на идните инженери кои ќе создаваат грандиозни дела.

Според вас, кој е најголемиот предизвик за инженерството во државава и што би им порачале на младите инженери за градењето на инженерството во иднина?

Неспорна е способноста и професионализмот на инеженерската фела во нашата држава, за што секако заслужуваат почит. Но, она што навистина претставува вистински предизвик за инженерството е нивната препознатливост. За разлика од многу други професии, како да е без познати имиња. Скоро секогаш немаме одговор на овие едноставни прашања: кој ја проектирал и изградил браната и хидроцентралата или кој ја автоматизирал фабриката? Секојдневно сме опкружени со дела на многубројни наши колеги, кои за јавноста се непознати. Затоа младите инженери треба да творат добро и да работат одговорно, но и со голема сигурност да зборуваат за своите дела.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/03/2020 10:42