Основното јавно обвинителство Скопје, постапувајќи по поднесени кривични пријави, до Основниот кривичен суд Скопје достави четири предлози за издавање казнен налог против лица обвинети за кривично дело – непостапување според здравствените прописи за време на епидемија од член 206 став 1 од Кривичниот законик.

-Четворицата обвинети, од кои тројца жители на Трубарево и еден на Петровец, влегле во земјава на граничниот премин Табановце на 16, 17 и 18 март, доаѓајќи од различни земји со висок/среден ризик за ширење на епидемијата на опасна заразна болест предизвикана од вирусот Ковид-19. При влезот тие прифатиле и потпишале изјава дека ќе останат во задолжителна самоизолација во нивните домови во период од 14 дена, но на 18 март, при извршена проверка од страна на овластени полициски службеници, не биле затекнати во нивните домови, соопшти Јавното обвинителство.

Надлежните јавни обвинители кои постапуваат во предметите побарале од Судот да им изрече парична казна на обвинетите во висина од 100 дневни глоби, при што висината на една дневна глоба да биде одредена во вредност од 20 евра во денарска противвредност​.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/03/2020 18:19