Виролозите од белгискиот кризен штаб за коронавирусот предупредуваат дека се големи шансите коронавирусот Ковид-19 да стане сезонски и препорачуваат носење на маска во секоја прилика, јавува дописничката на МИА од Брисел.

Експертите од кризниот штаб сметаат дека ова “не е лоша вест само по себе“, но дека за сега колективниот имунитет е преслаб.

-Сметаме дека со тек на време, за неколку години, вирусот сѐ повеќе ќе се однесува како настинка и последиците од инфекцијата ќе бидат помалку страшни, изјави вирологот Стивен Де Гихт.

Според лекарите има и друг вид на коронавируси кои се циклични, но за сега е непознато кој е циклусот на Ковид-19 и дали ќе се враќа редовно. Но, во секој случај ќе бидат потребни „неколку години“ за да се постигне баланс помеѓу сериозноста на инфекцијата и имунитетот.

За да може постепено да се излезе од изолацијата на граѓаните и да се рестартира економијата, белгиските здравствени власти сметаат дека ќе биде неопходно систематско следење на заболените и носењето на маски.

Тие оценуваат дека ќе треба активно да се бараат сите заразени, без разлика дали се симптоматски или не, за да може побрзо да спласне ризикот од ширењето на вирусот. За секој нов детектиран случај на заразен ќе биде потребно да се најдат сите лица со кои заразениот имал контакт.

-За тоа е потребно да се имаат алатки и капацитет во смисла на човечки ресурси, вели Емануел Андре, виролог од кризниот штаб. Белгија разгледува повеќе мобилни апликации во овој контекст.

Паралелно ќе биде најверојатно неопходно носењето маска да стане рефлекс за сите кога излегуваат од дома откако ќе се укинат мерките на изолација и физичко дистанцирање.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/04/2020 17:30