Појавата на новиот коронавирус не натера сите да останеме во своите домови, а отсуството од изложеност на природна светлина за многумина претставува голем товар.

Луѓето со хронични заболувања се советуваат воошто да не ги напуштаат домовите. За многумина недостатокот на сончева светлина три месеци претставува голем предизвик.

Но, стотина научници секоја година заминуваат на Арктикот и Антарктикот за време на студената зима да прават разни теренски експерименти и со месеци живеат без дневна светлина.

Како издржуваат?

– Првите неколку дена ми недостасуваше сонцето и ми беше тешко да се навикнам. Сепак, се навикнав, меѓутоа речиси и се навлеков на темнината, изјави Вишну Нандан за Би Би Си.

Докторот Нандан е научник за далечинско мерење на морскиот мраз, кој работи како постдокторски истражувач при Центарот за научно набљудување на Земјата од Универзитетот во Манитоба, Канада.

Нандан бил единствениот Индиец во најголемата експедиција за проучување на климата на Арктикот, позната како „МОЗАИК“.

На проектот работеле шеесеттина научници од различни земји, кои живееле на германскиот истражувачки мразокршач РВ Поларстерн.

Биолошки часовник

Откако пристигнале во арктичкиот регион, членовите на експедицијата ги наместиле часовниците по московско време.

Но тоа не било толку едноставно, нивните тела веднаш покажале отпор.

– Мојот биолошки часовник не беше стабилен. Некои денови не се будев за појадок. Понекогаш си легнував многу рано, а во други случаи долго по полноќ, изјави Нандан, неколку дена откако се врати од арктичката смена долга 127 дена.

За време на неговата седумгодишна кариера истражувајќи ја криосферата, студија за замрзнат воден дел од Земјиниот систем, тој ги посетил Арктикот и Антарктикот околу петнаесет пати.

– Немате изгрејсонце и зајдисонце. Некои денови се будам многу уморен. Кога ќе погледнете надвор, и вашето тело не ви дава да се разбудите, истакна Нандан.

Сон и здравје

Покрај тоа што го обезбедува клучниот витамин Д, сончевата светлина го подобрува и расположението.

Без јасно разграничување на денот и ноќта, се менува природниот телесен ритам.

А нерамнотежата во распоредот за спиење може да направи да се чувствувате уморно и раздразливо. Ако тоа трае со недели и месеци, може да му наштети на вашето здравје.

За време на зимата, од почетокот на октомври до крај на март, Северниот Пол е обвиткан во темнина.

– Иако јас лично сум како бубашваба (што не спие многу), од недостаток на сон бев исцрпен. Понекогаш ми беше тешко да најдам мотивација ако требаше да работам попладне, вели тој.

Надвор беше „неподносливо студено и ветровито“, температурата знаеше да падне и до минус 55 степени Целзиусови.

Со оглед на тоа дека е поларен ветеран, Нандан го има искусено и спротивното од екстремна темнина, кога на половите има константна светлина за време на летниот период.

„Кога имате 24 часа светлина, имате многу енергија наутро, но ќе се распаднете навечер. Ако се разбудам среде ноќ, нема да можам да заспијам повторно“.

Под голема внимателност

Поларстерн, пловечка истражувачка лабораторија опремена со најсовремени инструменти во која биле сместени научниците од „МОЗАИК“, постигна рекорд кога на 23 февруари отплови на 156 километри до географскиот Северен Пол.

– Никогаш претходно ниту еден брод не отпловил толку далеку на северот за време на студената арктичка зима, истакна Нандан, кој ги користел радарските сателити и сензори за површински радар за да ја измери дебелината на морскиот мраз.

Морскиот мраз е единствениот дом на најголемите копнени грабливци во светот, поларните мечки.

„Имавме ситуација кога една мечка дојде речиси до нашата локација и си поигра со еден од нашите инструменти“.

За да останеме безбедни, поставивме стража со пушки, кои ги набљудуваа мечките.

Нандан истакна дека непријателската околина околу него го подигнала нивото на претпазливост.

– Кога имате 24 часа темнина, некако станувате свесни за околината, изјави научникот.

Тоа му помогнало и во секојдневниот дневен распоред на бродот, што останувал речиси непроменет. По појадокот (што често го прескокнувал поради губење апетит), неговиот тим ќе испловел да работи на теренската лабораторија, каде работеле со инструменти.

Се враќале на бродот за ручек, а потоа заминувале на уште четири часа теренска работа.

Слободно време

„Губите многу енергија кога сте на мраз, затоа што вашето тело упорно согорува калории. Изгубив десет килограми за четири месеци“.

Кујната на бродот им обезбедувала редовни оброци дури и повикала членови од тимот сами да готват. Нандан подготвил традиционално индиско јадење, бирјан со зеленчук и тофу кари со спанаќ, а печел и тандори пилешко и риба за целиот тим.

Забавата исто така била клучна за нивната концентрација. Имале отворен бар, три вечери неделно и за да се забавуваат играле различни игри.

Тимот славел и специјални пригоди, како Божик и Нова година. Но и роденденот на Нандан.

И покрај тоа, животот во изолација оставил трага врз нив.

„Кон крајот на февруари, многумина беа исцрпени поради пренатрупаниот распоред“.

Од Северниот Пол директно во изолација

Вишну Нандан ги видел првите зраци од сонцето кога испловиле од Северниот Пол.

„Не ја мразев темнината. Тоа беше само начин на живот за многумина од нас на бродот“.

Кога се вратил во Калгари, Канада, го затекнал целиот свет во блокада. Како и сите луѓе кои влегувале во Канада, бил замолен да влезе во самоизолација.

Животот во екстремни услови му помогнал да се избори со ограничувањата без поголеми проблеми.

„За да останете физички здрави, не мора да одите во теретана. Можете да вежбате и дома, има многу добри видео записи на стриминг страниците“.

– Во некои земји на луѓето им е дозволено да излезат да вежбаат еднаш во денот додека се во карантин. Но оние кои не можат да излезат треба да си најдат хоби, истакна научникот.

– Извршувајте некои активности од дома, предлага Нандан. „Ова е единствено време во нашите животи кога сме помалку зафатени, затоа искористете го максимум вашето слободно време“.

Нандан изјави дека луѓето мора брзо да се навикнат како да преживеат во овие тешки околности.

„Тоа е речиси како некое сурово рестартирање на животот. Како Армагедон“



Автор: Администратор
Објавено на: 29/04/2020 12:06