Премиерот на Италија Џузепе Конте денеска им порача на Италијанците дека ќе можат да ги поминат годишните одмори на плажи и туристички дестинации во земјата, која почна постепено ги укинува ограничувањата воведени во борбата против епидемијата на новиот коронавирус.

– Летото нема да го поминеме на балконите, оставајќи ги убавините на Италија во карантин. Ќе можеме да одиме на плажите, планините и нашите убави градови, истакна Конте за неделното издание на Кориере дела Сера.

Тој додаде дека би било убаво ако Италијанците го поминат одморот во Италија, иако тие одмори ќе бидат различни бидејќи луѓето ќе треба да ги следат препораките и мерките од здравствениот штаб и да бидат внимателни, пренесува Хина.

Конте не кажа дали на Италијанците ќе им биде дозволено да патуваат во странство.

Според сегашните рестриктивни мерки, на Италијанците не им е дозволено да патуваат од една покраина во друга без валидни причини. Конте рече дека сè уште не е познато дали тоа ограничување ќе се укине затоа што зависи од текот на епидемијата.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/05/2020 00:08