Собранието на новинари на италијанската новинска агенција АНСА денеска одлучи да стапи во дводневен штрајк поради планот за намалување на бројот на вработените во агенцијата, што беше предложен од раководството како мерка за закрепнување поради намалените приходи на агенцијата како резултат на пандемијата на Ковид-19.

Новинарите од агенцијата во соопштение изјавуваат дека предложениот план е недозволив и оти доколку биде усвоен, тоа ќе го загрози функционирањето на АНСА, односно производство на агенциски вести, и квалитативно и квантитативно, а во согласност со потребите на земјата во овој исклучително тежок период, кога објективното информирање е неопходно и незаменливо.

Новинарите бараат обнова и реорганизација на агенцијата по пандемијата на коронавирусот, а не намалување на нивниот број и потсетуваат дека е загрозена и целта за која е создадена АНСА пред 75 години, а тоа е да и се гарантира на државата извор на објективни и непристрасни информации.

Тие ги повикуваат Владата, Парламентот и граѓанското општество во заеднички интерес да го спречат загрозувањето на работата на еден од главните столбови на националниот информативен систем.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/05/2020 16:15