Авторите на индиската студија, која Нобеловецот Лук Монтање ја има спомнувано, го поставиле својот пишан труд на еден сајт за нерецензирани трудови (bioRxiv preprint repository), за набрзо да го симнат, откако коментаторите истакнале бројни грешки во нивната анализа. Она што Монтање го нарекол „елементи“ на ХИВ биле кратки елементи кои научниците ги откриле во геномот на коронавирусите во 2005 година. Тие се потребни за репликација на геномот и се среќаваат кај многу коронавируси. Значи, ако тоа што го рекол Монтање е точно, тогаш целото семејство на коронавируси – кое потекнува од пред повеќе од 10.000 години – би морало да биде направено во лабораторија, што е очигледно бесмислено, вели епидемиологот проф. д-р Драган Даниловски во интервју за МИА.

Со него разговаравме за олабавување на рестриктивните мерки, за можниот втор бран на вирусот наесен, за моделот на Шведска, за лек против Ковид-19. Тој уште на самиот почеток на епидемијата постојано ја информираше јавноста за вирусот и како да се заштитиме. Во интервјуто за МИА вели дека повторно би помогнал волонтерски ако треба.

Професор Даниловски, во тек е олабавување на рестриктивните мерки кои беа воведени за да се спречи ширењето на коронавирусот. Според вас како епидемиолог дали досега мерките вродија со плод и колку граѓаните се подготвени (свесни) за полабави мерки, која е вашата порака до нив?

Рестриктивните мерки што ги воведовме беа неопходни за да се одложи ширењето на епидемијата и да се олесни притисокот врз здравствениот систем („израмнување на кривата“). Тие мерки овозможија да се купи драгоцено време за да се подготви здравствениот систем, да се обезбеди лична заштитна и лабораториска опрема, достапна терапија и опрема за инфектолошките оддели. Тие исто така доведоа до намалување на интензитетот на пренесување на вирусот. Врз основа на исполнетоста на болничките капацитети, како и врз основа на вредноста на репродукцискиот број на болеста, која се спушти под 1, може да се констатира дека мерките ја постигнаа целта. Епидемијата стивна. Засега.

Бидејќи рестриктивните мерки се на сила повеќе од два месеци, природно се поставува прашањето кога и како можат да се релаксираат. Тоа мора да биде постепено и да соодветствува на нивото на стивнување на епидемијата, постојано имајќи го предвид императивот да не се загрози здравјето на граѓаните (јавното здравје). Мора многу да се внимава да не се случи т.н. ефект на повратен удар (rebound) – да се повтори епидемискиот бран!

Од друга страна, кога може да се укине состојбата на епидемија? Затоа што од тоа зависи целосното враќање на животот во нормала. Епидемиолошката струка е јасна. Состојба не епидемија може да се укине кога од последниот регистриран случај ќе помине период од две максимални инкубации на болеста – 28 дена. Дури потоа може да се одржуваат масовни настани без ризици по здравјето за граѓаните. Истото важи за која било земја.

Меѓутоа, јасно е и дека понатаму ќе живееме некоја „нова нормалност“. Прашање е дали може да се задоволи горниот критериум? Веројатно не. Епидемиологијата е сурово крута, базирана на недвосмислени математички законитости. Оттаму, секаде во светот, одлуките за поголемо или помало релаксирање на мерките, како и за укинување на состојбата на епидемија, се политички – тоа значи, одлуки кои повеќе или помалку ќе ги игнорираат епидемиолошките критериуми! Властите мораат да поседуваат политичка мудрост за да проценат кој е најповолниот компромис што смеат да си го дозволат меѓу барањата на епидемиолошката струка, од една страна и актуелните предизвици на задушеното стопанство, социјален живот, но и претпоставените масовни здравствени проблеми, со кои ќе се соочува населението во идниот период, а кои ќе настанат како последица на живот под рестрикции во изминативе повеќе од два месеци, од друга страна. Само со сеопфатно „мерење“ на тежината на сите елементи „за“ и „против“, смеат да се донесат политички одлуки за делумно или целосно укинување на мерките, како и за одржување или неодржување на разни социјални, спортски и политички масовни настани.

Имаме свежи примери за носење политички одлуки во оваа смисла, наспроти епидемиолошките критериуми. Во Словенија ја укинаа состојбата на епидемија, без да биде задоволен критериумот „ниеден случај во 28 дена“. Во Србија се закажани избори, исто така, без задоволување на тој критериум. И кај нас одлуката за одржување избори ќе биде политичка, значи, компромисна. Се надевам дека ќе биде донесена со максимално превагнување (почитување) на епидемиолошките критериуми.

Која е мојата порака до граѓаните? Јасно е дека како општество ќе треба да научиме да живееме со вирусот, сè додека не се најде специфична заштита или ефикасен третман. Настапува неодредено долг период, кога рестриктивните мерки ќе се релаксираат, за да не настапи економска и финансиска пропаст за сите нас. Во тој период, шанса за нормално продолжување на животот имаме само ако се придржуваме до личните мерки за заштита. Ќе треба да сметаме практично само на самите себе во грижата за своетото и здравјето на своите најблиски.

За да си ги зголемиме шансите таа грижа да ја спроведеме максимално ефикасно, треба постојано да се информираме за епидемиолошката состојба. Како и за начините за заштита – своја и на околината. Ама тоа да го правиме од проверени, вистински научни извори, а не од извори кои застапуваат теории на завери. Во кризни времиња, познато е, луѓето (наоѓајќи се во еден вид безизлез, соочени со суровата стварност), во голема мера се склони да веруваат на, во секој поглед, наивни и дури фантастични, теории за потеклото на несреќата, за начините за спас итн.

Оттаму, од клучно значење е достапноста на правилни, научно втемелени, информации за реалните ризици за заразување со вирусот, како и за методите на заштита.

За епидемиите многу е важен базичниот репродукциски број R0, кој означува колку едно лице во просек заразува други. Кај нас тој број, беше 1,2, па се спушти под 1. Колкав е сега тој број и дали може да ни се случи наместо намалување, тој да порасне со олабавување на мерките?

Последните пресметки покажуваат дека, за жал, тој веќе се движи околу 1. Тоа е директна последица на последните настани, кога се случија некои масовни настани. Со олабавување на мерките, логично е да се очекува тој да продолжи да расте. Оттаму, од суштествена, да не речам, егзистенцијална важност, е конечно да сфатиме дека сега веќе сè од нас зависи. Рестриктивните мерки, во форма во која ги имавме, едноставно веќе ќе биде опасно да воведуваме. Се разбира, освен ако бројот на болни не почне вртоглаво да расте… во што не верувам.

Стручни лица од светот предупредуваат дека ќе има втор бран на вирусот на есен. Пред неколку дена со таков став излезе и угледниот Институт за заразни болести „Роберт Кох“ од Германија. Што мислите вие дали ќе има втор бран и зошто?

Од самиот почеток на пандемијата, ние постојано учиме за вирусот и неговото однесување. Епидемиолошката логика вели дека додека не се постигне заштитно ниво на колективниот имунитет, пандемијата нема да стивне. За овој вирус се пресмета дека тоа ниво е меѓу 60 и 70%. Меѓутоа, тоа е „сува“ математика. Во реалноста, врз однесувањето на вирусот влијаат многу варијабли. На пример, неговите инфективност и вируленција, некои сметаат дека може да се намалат со бројните пренесувања (пасажи) од домаќин на домаќин, потоа, дека повисоките дневни температури ќе ја намалат неговата виталност итн. Ако овие претпоставки се покажат точни, тогаш нè очекува мирен период летово, а вториот бран можно е да не биде бран во вистинска смисла на зборот, туку само изолирани мали епидемиски кластери, неповрзани меѓу себе.

Се разбира, ова не мора да биде вистина. Порадикалните предвидувања велат дека на есен ќе имаме нов бран, можеби посилен од првиот, па потоа уште еден наредната есен… сè додека човештвото не го достигне заштитното ниво на колективниот имунитет од 60% или додека не се најде ефикасна вакцина или специфичен третман.

Јас лично отсекогаш сметав дека овој нов коронавирус, исто како и другите респираторни вируси, ќе стивнува во топлите сезони, а во есен и зима ќе се јавува помасовно, аналогно на грипот. Времето ќе покаже како ќе биде.

Многу земји го изолираа вирусот, но кај нас тоа уште не е сторено. Зошто е потребно да се изолира?

Некои земји настојуваат да го изолираат вирусот што циркулира локално, за да бидат во состојба да произведат сопствен реагенс за негова лабораториска идентификација. Меѓутоа, всушност, тоа и не е потребно, зашто се користат комерцијални реагенси, кои се темелат на оние делови на вирусниот геном кои досега се покажало дека не мутираат.

Лек засега нема, СЗО клинички тестира четири видови терапии за заболените Ремдесивир, лопинавир/ритонавир, лопинавир/ритонавир со интерферон бета-1а и хлорокин или хидроксиклорокин. Какви терапии се користат кај нас, како се третираат пациентите во земјава?

Навистина мислам дека не заостануваме зад повеќето земји во светот. Се покажа дека третман на избор е конвалесцентната плазма. Кај нас се користи. Потоа, се користи лопинавир/ритонавир (Калетра),лек кој се користи во третманот на ХИВ/СИДА, Тоцилизумаб (Актемра), кој се користи во третманот на тешки форми на ревматоиден артритис. Се користи и стариот антималаричен лек хидроксихлороквин во комбинација со антибиотикот азитромицин (Сумамед). Потоа, успех е постигнат и со т.н. озонотерапија. И конечно, за најтешките случаи, се користи и вештачка вентилација со помош на апарати респиратори. За сите пациенти рутински се обезбедува кислородна поддршка, по потреба.

Министерот за здравство изјави дека кон крајот на летото ќе се направат серолошки тестирања. Објаснете ни што ќе се открие преку нив?

Серолошките тестирања се драгоцена епидемиолошка метода за согледување на пропорцијата на лица кои се инфицирани или кои биле инфицирани. Колку што сум јас информиран, кон крајот на летото се планира испитување (т.н. студија на преваленција) на антителата од групата ИгГ, кои ако ги има покажуваат дека лицето прележало КОВИД-19. Ова ќе обезбеди претстава за нивото на колективниот имунитет, пред сè, но исто така, ќе овозможи создавање на листа на можни донори на конвалесцентна плазма и потенцијална идна можност имуни лица да се ангажираат на работни места кои се изложени на повисок ризик од зараза со КОВИД-19.

Пожелно би било, тие тестирања да не се прават на целокупното население, туку само на посебно значајните популациски групи, како што се здравствените, просветните, трговските, индустриските работници, полицијата итн.

Посебно епидемиолошко значење би имал скринингот на општата популација и тоа не целосно, туку со помош на репрезентативно рандомизирано проучување. При тоа, само еден помал дел од вкупната популација ќе се тестира (т.н. репрезентативен примерок), а потоа добиените вредности на пропорциите на антитела се користат за процена на (хипотетичните) пропорции на целата (референтна) популација, преку определување на т.н. граници на доверба со одредена веројатност (најчесто 95%).

Истиот примерок пожелно е да се тестира периодично, да речеме на 2-6-12 месеци, со квантитативно определување на ИгГ антителата, со цел да се види колкав дел од испитаниците имаат заштитен титар на антитела и колку долго тој се одржува. Тоа ќе даде драгоцени податоци за должината на траењето на имунитетот кај КОВИД-19, за што во моментов, во светот, не постојат сигурни согледувања.

Тоа што науката се уште нема одговори за вирусот, за неговото потекло, не е познат нити „нулта“ пациентот и се уште не е најден лек против Ковид-19, остави простор да се шират разни теории за САРС-ков-2. Голем публицитет доби Нобеловецот виролог Лук Антоан Монтање (Luc Antoine Montagnier), кој рече дека вирусот „излегол“ од лабораторија, а и индиски научници објавија нерецензиран труд за вештачкото потекло на вирусот. Но, што велат научните истражувања?

Наспроти големиот публицитет што ги доби Монтање со своите тврдења, за жал, се покажа дека човекот погрешил. Тој се повикува и на студија на индиски истражувачи кои се обиделе да објават студија, во која тврдат дека комплетниот геном на коронавирусот има секвенци на ХИВ вирусот.

Монтање понатаму рекол дека вирусот избегал во „индустриски несреќен случај“ од градската лабораторија Вухан, кога кинеските научници се обидувале да развијат вакцина против ХИВ.

Авторите на индиската студија, која Монтање ја има спомнувано, го поставиле својот пишан труд на еден сајт за нерецензирани трудови (bioRxiv preprint repository), за набрзо да го симнат, откако коментаторите истакнале бројни грешки во нивната анализа.

Она што Монтање го нарекол „елементи“ на ХИВ биле кратки елементи кои научниците ги откриле во геномот на коронавирусите во 2005 година. Тие се потребни за репликација на геномот и се среќаваат кај многу коронавируси. Значи, ако тоа што го рекол Монтање е точно, тогаш целото семејство на коронавируси – кое потекнува од пред повеќе од 10.000 години – би морало да биде направено во лабораторија, што е очигледно бесмислено.

Етјен Симон-Лорие (Étienne Simon-Lorière), професор во Институтот Пастер во Париз, рекол, „Ако земеме некој збор од книга и тој изгледа како друг збор, може ли да кажеме дека едниот е копиран од другиот? Ова е апсурдно! “

Една студија објавена неодамна во списанието „Nature Medicine“, која го анализирала геномот на новиот коронавирус, го заклучила следното: „Нашите анализи јасно покажуваат дека САРС-КоВ-2 не е лабораториска конструкција или намерно манипулиран вирус“.

Во светот се води голема кампања против вакцинирањето. Научникот Лука Чичин Шаин (Luka Cicin-Sain), кој го предводи истражувачкиот тим од Центарот за истражување на инфекции „Хелмхолц“ во Брауншвајг, изјави дека подготвуваат лек кој ќе се внесува преку нос а не интравенски. Дали е можно ова решение?

Неговиот тим идентификувал антитела кои можат да го неутрализираат новиот коронавирус со тоа што го спречуваат неговото влегување во клетките. Сепак, истражувањето е во рана фаза. Сè уште нема испитувања со пациенти.

Во извештајот на истражувањето се вели дека се пронајдени повеќе од 750 антитела кои се врзуваат за коронавирусот – што е предуслов за успешна борба со него. Чичин-Шаин сега има намера да ја тестира ефикасноста на овие избрани антитела врз клеточни култури изложени на вирусот – испитувањата ќе течат во лабораториите за биолошка безбедност при Центарот за истражување на инфекции „Хелмхолц“.

Значи, не се работи за вакцина, туку за готови антитела!

За разлика од вакцината, каде што на пациентите им се внесува мала доза од вирусот, со цел да се натераат нивните тела да формираат антитела за да станат имуни на вирусот, истражувачите од Брауншвајг се трудат да развијат лек што ќе се користи во лекувањето на пациенти кои страдаат од тешки форми на КОВИД-19.

Сведоци сме на изјави на македонски доктори кои ја минимизираат опасноста на Ковид-19. Пред извесно време претседателката на Здружението на матични лекари Лилија Чолакова-Дервишова рече дека вирусот отсекогаш постоел. Колку ваквите изјави придонесуваат за граѓаните да не ги почитуваат мерките, а со тоа и да се зголеми бројот на заразени?

За жал, морам да констатирам дека такви јавни настапи на колеги доктори прават огромна штета на целокупните напори да се застане на патот на епидемијата. Мене не ми се јасни многу мотивите за таквите популистички истапи. Или се работи за незнаење или за настојување да се сврти вниманието кон себе и да се стекне популарност. А голем дел од граѓаните се секогаш склони да прифаќаат и очигледни невистини, само ако тие нудат поповолна слика на објективната стварност.

Многу често, такви ликови се промовираат дури во еден вид „несфатени јунаци“ во јавноста. Доволно е некој, особено доктор, да воскликне, на пример, против полицискиот час или против носењето маски, за да се промовира во „јунак“! Не се исклучени ниту политички мотиви зад таквите настапи.

Многу е актуелен моделот на Шведска без рестриктивни мерки против епидемијата до стекнување на колективен имунитет. Дали Шведска успеа во тоа и како Македонија да дојде до колективниот имунитет?

Шведска е една од најбогатите земји во светот. И Шведска може да си дозволи релаксиран модел на справување со епидемијата. Едноставно, капацитетот на нивниот здравствен систем е огромен и можат да апсорбираат огромен број болни во единиците за интензивна нега, за разлика од нас, на пример.

И други земји се обидоа со шведскиот модел. На пример Обединетото Кралство или Холандија. Меѓутоа, толку брзо почнаа да им се полнат болниците, што многу брзо се преориентираа кон рестриктивниот модел, каков што целиот свет применува.

Швеѓаните имаат уште една специфика. Тие се Швеѓани. Имаат посебен ментален склоп, различен од нашиот. Тоа подразбира дека е доволно државата да препорача мерки (не да нареди), за тие сите (нека се и 90%, не сите) да ги почитуваат. Во Шведска власта гради партнерство и се договара со граѓаните, не ги тера со сила! Меѓутоа, тој нивни лабав модел доживува критики од нивни епидемиолошки кругови и во светот, најмногу заради тоа што практично свесно се жртвуваат животите на дел од граѓаните. Шведска самата јавно призна дека паднале на испитот на заштитата на животите на старите сограѓани, особено во старечките домови. Впрочем, смртноста во Шведска е највисока во споредба со другите нордиски земји.

Како Македонија да дојде до колективен имунитет? Со трпение. Со трпение, зашто сме сиромашна земја, со ограничени ресурси во здравствениот систем. Со трпение, зашто ќе треба многу самодисциплина кај народот и мудрост и умеење кај власта, за да се изнајде права мера во одржувањето и релаксирањето на рестриктивните мерки. За што индикатор ќе биде движењето на бројот на нови случаи… кој неизбежно ќе почне да расте, штом ќе почне релаксирањето на мерките.

Постепено, на еден контролиран начин, ќе расте колективниот имунитет. Според една неоданешна студија, се покажува дека заштитното ниво на колективниот имунитет не е 60%, туку околу 40%. Што со малку среќа и многу трпение не е недостижна цел.

И јасно е дека не смееме да си дозволиме повторно драконски мерки. Затоа што ќе колабира стопанството. Па ќе нè погоди друг вид епидемија – на сиромаштија и глад. Мерките за решавање на еден проблем никогаш не смеат да предизвикаат повеќе штета од самиот проблем против којшто се преземени!

Затоа, во периодот пред нас, од исклучителна важност е индивидуалната свесност и одговорност за неопходноста од придржување кон елементарните мерки на лична заштита – маска, дистанца и миење раце. Само од нас самите зависи како ќе се одвиваат работите понатаму.

Ако текот биде неповолен, државата има право (и обврска) пак да посегне по рестриктивни мерки. Бидејќи нејзина примарна обврска е грижата и заштитата на колективното (јавното) здравје, по секоја цена… кое има предност пред индивидуалното. Така е во сите современи човечки заедници.

Вие уште на самиот почеток од епидемијата преку медиумите и социјалните мрежи ги информиравте граѓаните за вирусот, за мерките кои треба да се преземат. Дали повторно би помогнале со нов предлог и акциски план како на почетокот на епидемијата во Македонија?

Мојот ангажман како епидемиолог не е врз основа на мое членување во ниту едно тело на Министерството за здравство или Владата. Значи, не сум член ниту на Комисијата за заразни болести, ниту на Кризниот штаб на ниво на Влада.

Јас сум само припадник на универзитетската заедница, професор сум по епидемиологија и биостатитика на Медицинскиот факултет во Скопје.

Откако светот и нашава Македонија ја погоди оваа „нова чума“, сосема волонтерски решив да се обидам да помогнам, во рамките на моите скромни можности.

Се разбира, на располагање сум и понатаму.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/05/2020 10:48