Неколку илјади луѓе на велосипед протестираа доцна попладнево во Љубљана против коалициската Влада на десниот центар на премиерот Јанез Јанша, јави дописникот на МИА од словенечката престолнина.

Тоа е четврти таков протест во Словенија, што се одржува под слоганот „Вие нема да ја одземете нашата слобода“, организиран од разни иницијативи. Но, според словенечката агенција СТА, ова е првпат што се собираа и писмени повици за оставка на Владата.

Демонстрантите, кои поради забраната за собирање не стојат во место, возат кругови околу централниот дел на Љубjана. Словенечката полиција постави заштитна ограда околу Собранието пред вечерашните антивладини протести, јави дописникот на МИА од Љубљана. Демонстрантите се незадоволни и од ваквата одлука на властите, бидејќи со оградата е узурпиран и дел од јавниот простор.

Демонстрантите проценуваат дека мерките на Владата за време на епидемијата биле прекумерни и дека прикрила корумпирани и недемократски постапки што Владата ги преземала на самиот почеток на мандатот, оправдувајќи ги со самата епидемија.

Веќе еден месец, секој петок илјадници граѓани со велосипедски марш во центрот на градот го изразуваат незадоволството од работата на Владата предводена од Јанез Јанша, која стапи на власт на 13 март годинава.

Се почна по објавата на скандалот со набавка на заштитна опрема и респиратори потребни за болниците во екот на епидемијата со коронавирусот, според кој, министерот за внатрешни работи, наводно, фаворизирал одредени фирми.

Минатиот петок, според локалните медиуми, на протестот во Љубљана присуствувале околу 10.000 граѓани.

Во меѓувреме, попладнево, мала група мотоциклисти во Љубљана изразија поддршка за Владата.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/05/2020 23:38