Разговорите продолжуваат и сметам дека нема потреба да се драматизираат работите, а особено не да се поставуваат реципрочни ултиматуми, вели францускиот амбасадор во Македонија, Кристијан Тимоние во интервју за весникот „Вечер“.

Сите се согласни околу главните појдовни точки: прво, за здравјето на граѓаните не може да се преговара и второ, воспоставувањето легитимен парламент е неопходно за земјата да може да се справува со предизвиците во овој критичен период и да може да се прифати, а потоа и да се користи меѓународната помош брзо и ефикасно. Но, да не бидеме наивни: постојат и политички калкулации околу датумот, така што се верува дека побрз или подоцнежен датум ќе биде во корист или ќе им наштети на едните или на другите. Околностите се премногу сериозни за да не се изнајде заедничко компромисно решение со разумен датум и со надеж дека вирусот ќе има разбирање, што пак не е сигурно. Практичните размислувања на Државната изборна комисија околу времето потребно за добра подготовка на списоците, исто така, треба да бидат земени предвид за неоспорен резултат, вели Тимоние.

На прашањето дали брзи избори не се руски рулет за здравјето на луѓето, Тимоние одговара:

Вашето прашање е особено интересно за мене, затоа што Франција размислува да го организира вториот круг од своите локални избори кон крајот на јуни или наесен. Една студија за последиците од првиот круг на изборите од 15 март, кога кривата на епидемијата беше растечка, не овозможи статистички да се констатира зголемување на бројот на заразени лица поради спроведеното гласање. На денот на првиот круг од изборите, беа спроведени бројни мерки на претпазливост, а голем број гласачи претпочитаа да останат дома. Додека епидемијата се повлекува, надлежните научници сметаат дека вториот круг може да се одржи на 28 јуни, но со многу ограничена кампања и силни мерки на претпазливост. Некои стравуваат дека голем број гласачи ќе бидат и понатаму претпазливи, со што постои ризик од ниска излезност, особено кај „повозрасната популација“, а други пак сметаат дека постои политичка потреба и дека ризикот е разумен. Во тек се дискусии меѓу властите и политичките сили: сите веруваат дека на крајот мора да се најде решение и тоа веројатно нема сосема да задоволи ниту една од страните. Се разбира, ништо нема да се случи без конечна здравствена проценка, на две недели пред гласањето. Затоа, се размислува и за „план Б“, односно спроведување на изборите наесен.

Целото интервју на „Вечер“



Автор: Администратор
Објавено на: 23/05/2020 01:14