За Јемен, една од најсиромашните земји на светот, која освен со граѓанска војна се соочува и со пандемијата од Ковид-19, Европската Комисија денеска најави дополнителни 70 милиони евра помош за земјата, јави дописничката на МИА од Брисел.

Од овие средства, повеќе од половина ќе бидат наменети за борбата против новиот коронавирус, соопшти ЕК.

– Во овие тешки времиња, ЕУ продолжува да им помага на најранливите во Јемен. ЕУ испорачува витална помош како храна, вода, засолништа и хигиенски пакети за милиони Јеменци загрозени од кризата, рече комесарот за хуманитарна помош Јанез Ленарчич и побара веднаш да се суспендираат сите рестрикции кои спречуваат хуманитарната помош да стигне до лицата на кои им е потребна.

Освен пандемијата, Јемен се соочува со глад, кој посебно ги погодува децата. Војната во Јемен предизвика длабока хуманитарна криза низ целата земја, која само се продлабочува со појавувањето на новиот коронавирус.

Европската Комисија исто така ги повика уште еднаш сите страни инволвирани во конфликтот да седнат на преговарачка маса под покровителство на Обединетите нации и да постигнат траен и одржлив мир.

Од почетокот на војната во Јемен во 2015, одвоени се 822 милиони евра од ЕУ за оваа земја за хуманитарна помош и развој.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/06/2020 16:26