Свеченоста за 93-то доделување на Оскарите следната година е преместена од февруари на крајот на април, а тоа е направено поради епидемијата на коронавирусот, објави Американската академија за филмски уметности и наука.

Доделувањето ќе се одржи на 25. април. Првичниот датум – 28 февруари, сега е новиот одреден датум кога филмовите ќе почнат да се прикажуваат за влез во трката за номинации.

Корона-епидемијата уште во март ги затвори кината, но и филмските студија во цел свет.

„Се надеваме дека тоа што го продолживме периодот за избор на филмови и го променивме датумот на свеченоста, ќе им даде флексибилност на филмаџиите да ги завршат филмовите и да почнат со прикажување – значи, да не бидат казнети за нешто што е вон чија било контрола“, порачуваат во соопштението претседателот на Академијата, Дејвид Рубин и извршната директорка Даун Хадсон.

Поместено е и отворањето на Академијата музеј за филмови – од декември 2020 на 30 април наредната 2021 година.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/06/2020 11:01