Секој од чинителите на изборите има своја одговорност и доколку не се почитуваат мерките за заштита на здравјето и протоколите, ќе настане хаос и што е, исто така, важно во целиот овој процес, политичарите да нема кој да ги гласа, а ние како граѓани да не излеземе да гласаме. Еден од тие моменти како примарна одговорност е кај политичарите да ги почитуваат стандардите и протоколите за заштита кои се пропишани од институциите. Тоа се два метри дистанца, носење маска, не смеат да се прават големи настани… И самата кампања мора да биде во фокус од здравствен аспект. Изборите не се само ден на гласање, изјави во интервју за МИА Дарко Алексов, извршен директор на граѓанската асоцијација МОСТ.

Господине Алексов, во пресрет сме на десетите парламентарни избори, петти предвремени парламентари избори. Ова се едни од најспецифичните избори имајќи ја предвид состојбата со Ковид-19. Како асоцијацијата МОСТ ќе ги набљудува изборите?

Најпрво, ќе мора да направиме една мала дистинкција како почнавме со процесот и во која фаза се наоѓаме сега. Очигледно е дека се следат работите. Уште од самиот старт предвидовме дека ќе одиме со помалку набљудувачи, најмногу поради проценките што ги направивме земајќи ги во предвид последните три гласања што се одржуваа во нашата држава.Тоа што е многу важно да се напомене е дека набљудувањето ќе се случува стриктно согласно протоколите коишто ќе бидат пропишани од страна на надлежните институции, притоа мислам, пред се, на здравствените власти коишто со нивниот импут ќе и асистираат на ДИК, да ги развие овие протоколи и да ги претвори во упатства.

Нашите набљудувачи, кои ќе бидат илјада вкупно, но со 700 ќе ги покриеме гласачките места како статични, а останатите ќе бидат дел од нашата регионална мрежа и мобилните тимови на самиот изборен ден, а регионалните координатори ќе ги следат настаните во сите општини во државата. Тоа што е важно е дека се што ќе правиме, целокупната активност на терен ќе се одвива согласно тие упатства и протоколите кои се пропишани од страна на авторитетите задолжени за процесот.

Во поглед на протоколите и здравствената заштита од тоа што можеме да видиме дека веќе се наѕираат контурите на истата. Како што кажав, два метри дистанца, носење маска, одржување хигиена на раце, се разбира доколку дојде редот според тоа што можевме да го приметиме од самите разговори во ДИК, редовно проветрување на просториите, а проструи некоја информација дека би се користеле поголеми простории и.т.н…

Да видиме што ќе се пропише и какви правила ќе бидат конкрето направени. Нашите набљудувачи како и на сите избори до сега, ќе имаат обука овојпат онлајн, ќе оди со стриктно присуство, интерактивно. Мора да кажеме дека со оглед на моменталната ситуација, на овие избори ќе ги регрутираме оние поискусните набљудувачи.

Како ќе бидат ангажирани набљудувачите и како ќе биде гарантирана нивната здравствена заштита, тие ќе треба да одат на терен?

Здравствената заштита можеме да си ја почитуваме ние самите доколку ги почитуваме правилата кои важат и во нормалниот живот. Правилата што ги почитуваме кога одиме во продавница, правилата кога одиме да добиеме каков било сервис и од институциите…Веќе последниов месец, последниве четири недели откако почнаа да растат бројките а и пред тоа, се разбрира во голема мера сите зборуваат дека правилата мора да се почитуваат и дека тоа е единствениот начин да се сопре ширењето на вирусот.

Во нормални услови граѓанската асоцијација МОСТ своите набљудувачи ги регрутира на јавен повик. Ние тоа го направивме пред да започне целиот процес, меѓутоа го стопиравме тој процес, многу рано, во раната фаза од неговото појавување, и тоа што го правиме е дека во изминативе 18 години, МОСТ има регрутирано, обучено, и распоредено на набљудувачките места, благодарение на големиот број избори, повеќе од 40.000 набљудувачи. Имаме еден базен од 40.000 набљудувачи, некои од нив можеби повеќе од еднаш, меѓутоа да сумирам, овој базен од набљудувачи ќе биде основното од каде што ќе ги бараме, од каде што ќе ги регрутираме, повторно ќе ги обучиме и ќе ги распоредиме. Тоа значи дека сме уверени дека нема да имаме проблем со регрутација.

Ги споменавте здравствените Протоколите што треба да бидат доставени до ДИК, можеби веќе и се доставени до ДИК. Како ќе ги добиете тие Протоколи? Тие треба да бидат јавни документи.

Се разбира дека тоа ќе биде јавен документ и тоа ќе биде упатство кое најпрво ДИК ќе го донесе на официјална седница, и ќе мора да биде закачено на интернет страницата на ДИК. Од таму го праќаат до Оштинските изборни комисии, а од таму го праќаат до секој Избирачки одбор. Околу заштитата, е многу важно да се напоменат неколку важни параметри кога говориме дали е безбедно да одиме и да гласаме. Тоа е добро, меѓутоа не можеме да го гледаме само низ призма на гласачите. Исклучително е важно да се обезбедат услови и за оние кои ќе го спроведуваат процесот и тие да се чувствуваат сигурни и безбедни и да знаат дека нема да им стане нешто.

Во целиот овој процес не учествуваат само овие две групи. Нас за неколку дена ни почнува изборната кампања. Што значи тоа? Тоа значи дека во неа ќе бидат вклучени политичари, граѓани, а ќе бидат вклучени и набљудувачи и медиуми. Значи вие медиумите во целиот овој систем сте дел од изборите. Од тој аспект има неколку клучни работи кои секој учесник мора да ги има предвид.

Политичарите како оние кои поставуваат вредностите и стандардите во општеството треба агресивно да ги промовираат мерките и политичките партии и организаторите на настаните стриктно да ги следат препораките и процедурите што се наложени. Значи секој од чинителите има своја одговорност и доколку дојде да не се почитуваат таквите протоколи ќе настане хаос и што е исто така важно во целиот овој процес политичарите да нема кој да ги гласа, а ние како граѓани да не излеземе да гласаме. Еден од тие моменти како примарна одговорност е кај политичарите да ги почитуваат стандардите и протоколите за заштита кои се пропишани од институциите. Тоа е два метра дистанца, носење маски, не смее да се прават големи настани…И самата кампања мора да биде во фокус од здравствен аспект. Изборите не се само ден на гласање.

Ја споменавте кампањата. Каква кампања и какви избори очекувате? Какви се вашите првични видувања?

Кампањата сигурно нема да биде динамична на какви сме сведочеле во минатото. Тоа е една работа која од денешен аспект е повеќе од јасно. Што можеме да очекуваме од кампањата. Сигурно нема да има огромни митинзи или големи настани на кои бевме навикнати во минатото. Веројатно повеќе ќе оди преку традиционалните медиуми и преку онлајн медиумите. Меѓутоа, тоа што е важно е дека во ова време на технологија е многу полесно ако споредиме да речеме до пред 15, 20, па дури и пред десет години, е многу полесно да се искомуницираат граѓаните користејќи ги токму тие нови технологии и да им се прикаже понудата. Во ова време на вакви технологии е многу поедноставно да се покаже понудата на граѓаните, па тие согласно своето убедување да решат за кого ќе гласаат.

Какви се вашите препораки воопшто до сите учесници во процесот и до организаторите на изборите и кога можеме да ги очекуваме првите извештаи?

Едноставно мерките и процедурите коишто ќе бидат воспоставени мора да бидат согласно процедурите. Најважно од се е да се почитуваат мерките за заштита од сите учесници и да се почитуваат правилата и процедурите односно упатствата што Државната изборна комисија ќе ги воспостави. Ако од страна на сите учесници се почитуваат мерките не би требало да има голем проблем, и не очекуваме. Ако тоа се прави селективно, на некои места се почитува, на некои не се почитува, па некои го почитуваат, некои не го почитуваат е тогаш може да дојде до проблем.

По прашање на извештаите, како што е редот, во текот на изборниот ден ние ќе имаме неколку прес-конференции. Се уште размислуваме дали тие ќе бидат во некоја поголема просторија, дали ќе бидат на отворено. Можно е да се случат и на отворено па да бидат со присуство на медиуми. Неколку прес-конференции во текот на денот каде што ќе ги соопштуваме евентуалните нерегуларности кои сме ги забележале со дополнителна информација, нели, за одѕивот, на ниво на секоја од изборните единици во Република Македонија и вечерта очекуваме после прибирањето на резултатите од избирачките места и да дадеме проекција согласно програмата за паралелно табелирање на гласовите.

Можам да забележам дека тоа ќе биде прилично долг ден, имајќи предвид дека за два часа се зголемува периодот за гласање, тоа значи дека за два часа ќе имаме дополнително зголемување на периодот за набљудување, за пребројување гласови… Ќе биде многу долга ноќ.

Принципот е едноставен. За нас кои сме на ваков начин вклучени во изборниот процес, секој изборен ден е многу долг, така што овие два часа кои ги споменавте не се многу важни, но се важни од аспект на тоа дека овозможуваат граѓаните да имаат повеќе време и секој оној кој сака да го даде својот глас да искочи на изборите и да може тоа да го стори согласно процедурите и мерките за заштита. И последна поента, ова нема да бидат првите и последни избори кои ќе се организираат на ваков начин и во вакво време. Што побрзо го сватиме тоа, полесно ќе ни биде да појдеме и да гласаме на изборите.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/06/2020 13:25