Вечерва во Ново Село претседателот на ВМРО-ДПМНЕ , Христијан Мицкоски порача дека овие избори не се обични избори, туку се избори на кои граѓаните треба да одлучат каква Македонија сакаат да имаат и во каква држава сакаат да живеат.

-Онаа Македонија што ја сонуваме или пак, онаа Македонија што овие денеска сакаат да ја распарчат и распродадат. Ние од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата сонуваме за Македонија која што ќе биде најдобра на Балканот и пример за останатите држави. Мајка за сите без разлика на етничка или религиска различност. Македонија која што ќе биде богата и ќе си ги врати луѓето овдека дома. Бидејќи каменот дома тежи. Гледам дечиња тука кои се во првите редови, и затоа велам овие избори се многу суштински. Да го обелиме образот на претците и да им овозможиме квалитетна иднина на нашите идни генерации, порача Мицкоски.

Еве сега додека сум тука, продолжи тој, на националната телевизија МРТ тече моето соочување со Заев и го прашав која е програмата со која настапува СДСМ и БЕСА. Ова го прашав затоа што Билал Касами на еден јавен сервис јавно изјави дека се залага за федерализација на Македонија. Затоа тука кажувам јасно и гласно, да не биде после дека не сме кажале. На овие избори одлучуваме за унитарна Македонија. За иднината на унитарна Македонија, рече Мицкоски.

За тоа дека СДСМ ќе ја донесеа правдата, ниту правда донесоа ниту мир. Туку донесоа по некое куферче Луј Витон, рече Мицкоски.

-Од судството направија ТРАС-ТРАС судство. Наместо мир донесоа немир кај родителите на загинатите полицајци од Диво Насеље, и во душите на родителите на загинатите момчиња од Смилковско Езеро. Како се чувствуваат родителите на Кољо? Имаме патриоти кои се по затворите и одлежуваат затворски казни затоа што си ја сакаат Македонија. Затоа јас ви ветувам дека вистината ќе ја донесеме на виделина и сите ќе ја знаат и ќе ја слушаат. Затоа изработивме програма наречена "Обнова" на која работеа сите структури од партијата. Многу партиски и непартиски експерти работеа на оваа програма за да на 15-ти јули си ја вратиме татковината на правиот пат и да ја извадиме од пепелта во која ја втурна оваа ненародна власт на СДСМ и Зоран Заев, рече Мицкоски.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/07/2020 00:15