Проучувајќи ги антителата кај децата хоспитализирани во Ил Де Франс (парискиот регион), француските научници заклучуваат дека инфекциите со сезонските коронавируси (настинки) не штитат од „Ковид-19“, јави дописникот на МИА.

На прашањето за постоење на можен вкрстен имунитет за Ковид-19, француската студија ПЕД-КОВИД во која беа опфатени 775 деца, под раководство на оИзабел Шермет-Годелус (Инсерм, Париските болници) и Марк Елоа (Институт Пастер) дава негативен одговор.

За време на пандемијата, се чинеше дека младите луѓе изгледаа помалку погодени од возрасните од новиот коронавирус и имале помалку тешки форми на инфекција, оттука и хипотезата за вкрстена заштита, добиена од четири сезонски коронавируси, на кои сме изложени уште од раното детство. Една американска студија објавена од списанието Целл, неодамна донесе аргументи во прилог на овој вкрстен имунитет покажувајќи дека 50% од луѓето кои не биле изложени на САРС-КоВ-2 имаат Т4 лимфоцити кои го препознаваат овој вирус.

Француските истражувачи му пристапија на прашањето директно од аголот на заштита дадена од претходна инфекција со сезонски коронавируси, откриени со присуство на нивни антитела.

За ова, тие формирале група од 775 деца на возраст од 0 до 18 години, кои консултирале или биле хоспитализирани од друга причина, а не за „Ковид-19“ во болниците во Ил Де Франс помеѓу 1 април и 1 јуни. Во студијата се вклучени и триесет и шест млади пациенти со мултисистемски воспалителен синдром, поврзани со Кавасаки болеста со избирање случаи на деца заразени со новиот коронавирус. Кај оваа популација, истражувачите спроведоа потрага по антитела против САРС-КоВ-2 и против четири сезонски коронавируси.

Резултатот е следниот, кај 10 до 15 отсто од децата имаа позитивна серологија за новиот коронавирус. Ова е споредливо со стапката што неодамна ја забележа тимот на Роберт Коен во една студија на 600 млади жители на Ил де Франс, следени од педијатри кои работат во приватниот сектор. Како и во другите педијатриски серии, инфекцијата беше често не многу приметлива, па дури и невидлива: скоро 70% од овие млади никогаш немале никакви евокативни симптоми. Во повеќе од половината од случаите, истражувачите истакнале т.н. неутрализирачки антитела: „Ова значи дека тие го неутрализираат вирусот во лабораторијата, но во клиничка смисла, не знаеме каква концентрација прави возможно да се спречи нова инфекција“, појаснува професорот Изабел Сермет-Годелус, педијатар во болницата Некер и прв автор на студијата.

Главната новина на овај труд е демонстрацијата на отсуство на вкрстен имунитет помеѓу коронавирусите. Антителата против четирите сезонски коронавируси биле пронајдени кај 70% до 100% од овие деца, слично на младите луѓе кои биле негативни или серопозитивни за САРС-КоВ-2, без оглед на интензитетот на симптомите. Овој наод сугерира дека сезонските инфекции со коронавирусот не обезбедуваат заштита од новиот коронавирус, ниту пак ја олеснуваат инфекцијата.

Факт што не го изненадува Марк Елоа. „Заштитниот вкрстен имунитет помеѓу вируси од различни видови, дури и од исто семејство, се исклучителни“, потенцира вирологот. Доколку новиот коронавирус се однесува како сезонските коронавируси, кои циркулираат и покрај многу високото ниво на имунитет на населението прикажано во студијата, ова набљудување ја доведува во прашање можноста на населението да достигне ниво на имунитет, доволно за да спречи редовно повторување на болеста. Со други зборови, САРС-КоВ-2 може да остане уште многу долго присутен меѓу нас.

Многу прашања остануваат неодговорени: во отсуство на вкрстен имунитет, кое ниво на заштита го дава првата инфекција со овој вирус и колку долго.

-Ние имаме елементи на одговор со кохортни студии и испитувања за вакцинирање кај примати, предвидува Марк Елоа. Групата на деца од Ил Де Франс ќе се следат и понатаму за да се измери еволуцијата со текот на времето на антителата и клеточниот имунитет.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/07/2020 11:51