Со изработка на мурал на фасадата на ЈП „Водостопанство“ во Кочани продолжува програмата на петнаесетото издание на АКТО фестивалот за современи уметности, во продукција на организацијата „Факултет за работи што не се учат“.

Според организаторот на АКТО фестивалот, идејата за изработка на мурал во Кочани е во правец на соработка и активирање на локалната средина во продукција на културни настани за заедницата, а пораката „Солидарноста е лекот за јакнење на имунитетот“ е со цел да се потенцира важноста на солидарноста во актуелните услови на здравствената криза.

– Иницијативата за исцртување на мурали на јавни простори има за цел на креативен начин да зборува за одредени теми кои покренуваат и мобилизираат не само поединци, туку цели групи и заедници кон активирање и работење на заедништвото и заедничкото во градење на едно праведно општество. А токму заедништвото и заедничкото, како и културата на солидарноста, се покажаа како најургентни прашања кон кои треба сите да се фоскурираме во време на пандемијата со коронавирусот. Покрај тоа, оваа програма критички ги адресира, преиспитува и истражува прашањата поврзани со модерното визуелно и архитектонско наследство, нејзината естетика како и нивните последици во денешниот свет. Таа се манифестира преку креативни формати на акција – мурали, произведени преку активен дијалог и соработка помеѓу културните работници и организации во секоја локална заедница поединечно, истакна Филип Јовановски од АКТО фестивалот.

Автор на муралот е уметникот Ненад Тонкин, а реализацијата е во партнерство со Општина Кочани.

Муралот во Кочани е дел од серијата кои деновиве се изработуваат на површина од 600 квадратни метри во уште шест други градови: Битола, Прилеп, Велес, Штип, Гевгелија и во населбата Ченто во Скопје.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/07/2020 16:57