Институтот за јавно здравје денеска го објави неделниот извештај за периодот од 6 до 12 јули, што покажува значително зголемување на бројот на оздравени лица, а намалување на бројот на починати споредено со претходната недела, соопшти Министерството за здравство.

Во периодот од 6 до 12 јули регистриран е рекорден број на оздравени лица – 1.017 кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, што е за 404 лица или 40 отсто повеќе од претходната недела на известување (29 јуни – 5 јули).

Изминатите три недели бројот на оздравени лица расте за околу 40 отсто на неделно ниво, што е важен и позитивен индикатор кој влијае на намалување на бројот на активни случаи.

Во дадениот период направени се вкупно 9.995 тестирања (1.573 повеќе од периодот 29 јуни – 5 јули) и регистрирани се 1.073 позитивни случаи на Ковид-19, што е за 156 случаи повеќе од претходната недела. Споредбено, процентот на позитивни од тестирани случаи е благо намален, 10,7 отсто позитивни од тестирани за периодот од 6 до 12 јули, наспроти 10,9 отсто за претходната недела. Во последните четири недели процентот на позитивни случаи од тестирани на неделно ниво бележи пад.

Новозаболени се регистрирани во 26 градови, при што најголем процент на новозаболени има во Скопје (42,3 отсто) и во Тетово (8,9 отсто). Во 16 града во земјата, за истиот период, бројот на новопотврдени случаи е под 20.

Од новозаболените во овој период најголем процент се лица над 60 години 22,8 отсто, поголем број новозаболени се регистрира кај лица на возраст од 30 до 39 години – 20,1 отсто, потоа кај лица од 50 до 59 години – 19,3 отсто и од 40 до 49 години – 18,8 отсто. Најмал број на новозаболени има кај децата и тоа на возраст до девет години – 3,7 отсто, и од 10 до 19 години – 3,3 отсто од вкупниот број новозаболени.

Од случаите кои се епидемиолошки истражени, хоспитализирани се 114 лица или 11,5 отсто, што претставува намалување за два отсто во однос на претходната недела на известување, а кај 270 лица или кај 27,2 отсто регистрирано е присуство на коморбидитети, што е за два отсто повеќе од претходната недела.

Од вкупниот број на епидемиолошки истражените новозаболени 42,6 отсто имале контакт со потврден случај на Ковид-19, а 22 лица имале историја за патување во странство во минатите 14 дена.

Во периодот од 6 до 12 јули, регистрирани се 36 смртни случаи, што е 10 помалку смртни случаи од претходниот период. Најголем дел од случаите се лица над 60 години, 69,4 отсто. Триесет и пет од случаите се починати во болнички услови, а еден вонболнички. Кај 29 од смртните случаи (80,6 отсто) регистрирани се претходни коморбидитети. Во последните три недели константно се намалува бројот на смртни исходи на Ковид-19.

На 12 јули, според извештаите од ГОБ „8 Септември“, болницата во Козле, клиничките болници во Битола и Штип, општите болници во Прилеп, Куманово, Велес, Струмица и Гостивар, хоспитализирани биле 350 лица позитивни на Ковид-19, од кои 118 се на кислородна поддршка, а четворица на механичка вентилација, стои во соопштението од Министерството за здравство.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/07/2020 15:14