Повик до жителите на регионалната единица Кукуш (Килкис) да ги прекинат или да ги сведат на минимум патувањата воМакедонија, испраќа заменик-префектот Андреас Вергидис, јави дописничката на МИА од Атина.

Во писмената изјава, но и говорејќи за грчката телевизија „Мега“, ја изразува неговата загриженост за зголемениот број случаи на Ковид-19, како на Балканот така и во нашата земја, и ја истакнува потребата да се спроведат одредени мерки или контроли на грчката страна од двата гранични премини Дојран и Евзони за жителите на пограничните делови кои често патуваат во Македонија.

– Грција не дозволува влез во земјата за државјани на Македонија поради големото ширење на вирусот, меѓутоа жителите не само на регионалната единица Килкис, туку и од соседните региони, заминуваат на кратки посети во соседната земја, главно во градовите блиску до границата, факт што ги предупредува надлежните дека може да има увезување на вирусот, вели Вергидис.

Со ист повик, минатата седмица, како што објави МИА, излезе и градоначалникот на Лерин (Флорина), кој побара од жителите на општината, патувањата кај нас да ги сведат на минимум, само доколку е неопходно.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/07/2020 18:03