Во штипскиот регион заврши гласањето на болните и немоќни лица. Претседателката на Општинската изборна комисија (ОИК)-Штип, Сенка Андреева за МИА вели дека денеска своето право на глас го оствариле 196 болни и немоќни лица, кои не можат да гласаат на своите избирачки места.

Андреева истакна дека гласањето се одвивало без проблеми, а избирачките одбори утринава ги уредуваа и избирачките места на кои што утре ќе гласаат граѓаните на Општина Штип.

Вчера во Штип гласаа лицата во домашен карантин. Пријавени беа 45 луѓе, но гласале 43. Еден од пријавените во меѓувреме бил хоспитализиран на инфективно, а другиот немал важечка легитимација.

Во Штип на 80 избирачки места со право на глас се 39.564 граѓани. Општините во Брегалничкиот регион годинава имаат приближно 150.000 гласачи на предвремените Парламентарни избори, а ќе се гласа на 320 избирачки места. Најголема општина е Штип, а најмала е Зрновци со 2.500 гласачи и само четири избирачки места.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/07/2020 19:06