Во изминатото деноноќие во Дебар потврдени се два нови случаи на заразени со Ковид-19, нема ново оздравени, додека нема ниту починати лица.

– Состојбата е тешка. Секојдневно имаме новозаразени, се поголем е бројот на оние кои се јавуваат со симптоми , но има лица кои поради лесната форма на болеста не се јавуваат за да им се земе брис. Не можеме да поврземе кој од каде се заразил, не кажуваат кој со кого бил во контакт. Еве само денеска земени се брисеви на 31 лице, изјави за МИА епидемиологот Ментор Меља, раководител на Работната единица на Центарот за јавно здравје.

Тој вели дека е разочаран од своите сограѓани поради непочитувањето на мерката за носење заштитна маска и одржување физичка дистанца.

Посочи дека од крајот на февруари до сега, направени се над 1.100 тестови. Позитивен резултат е добиен кај 153 лица,од нив пет од Центар Жупа.

Битката со опасниот вирус ја добија 57, починаа петмина, активни на болеста се 91 лице, од кои десеттина се хоспитализирани во Инфективната клиника и болницата „Осми септмври“ во Скопје.

Инаку, Општинскиот оперативен штаб на Дебар, вчера достави барање до Главниот кризен штаб за справување со пандемијата од Ковид-19, во Општата болница да се испратат еден пулмолог и еден инфектолог.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/07/2020 19:10