Најдоцна до 23 часот, според проценките на ДИК, ќе бидат обработени најголемиот дел од податоците од гласањето. Последната прес-конференција за одѕивот е закажана за 21 часот кога ДИК ќе ги објави податоците за излезноста до 20:30 часот.

На прес-конференцијата во 19:30 часот портпаролот на ДИК Адмир Шабани соопшти дека до 19 часот на гласање излегле 830.370 граѓани со право на глас односно одѕивот е 45,77 проценти. Обработени се податоци од 3.463 гласачки места.

За споредба, на парламентарните избори во 2016 година одѕивот до 19 часот беше 66,79 отсто, а на минатогодишните претседателски избори излезноста беше 46,65 проценти

Најголем одѕв до 19 часот денеска има во Четвртата изборна единица – 53,24 проценти, а најмала и понатаму останува Шестата изборна единица со 35,49 проценти.

Во Втората изборна единица излезноста е 43,04 проценти, во Третата 51,52 и во Петтата 44,89 проценти.

По општини, над 60 проценти излезност има во Македонски Брод, Ранковце, Гевгелија, Демир Капија, Неготино, вевчани, Кривогаштани, Демир Хисар….

По првпат годинава поради пандемијата гласањето е продолжено за два часа од вообичаеното, односно ќе се гласа до 21 часот.

За гласачкото место во општина Липково, портпаролот на ДИК информира дека нивните служби контактираат со општинската изборна комисија со цел да се утврди точниот тајминг на прекин на гласањето. Доколку прекинот траел помалку од еден час, тогаш гласањето не се продолжува, а доколку прекинот бил повеќе од еден час, а помалку од три часа, тогаш гласањето би продолжило за онолку време за колку било прекинато.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/07/2020 20:51