Овој изборен процес е најскандалозниот од постоењето на нашата држава.

Имавме:

Избори речиси без набљудувачи, без видливо присуство на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, присуство само на набљудувачи од СДС и ДПМНЕ на повеќето гласачки места;

ДИК не ги објави на време изборните резултати;

Врв на се, е синхронизираниот и скап, хакерски напад на софтверот во ДИК за кој имаме сомневање дека е нарачан;

Крајно сомнителна е и набавката на нов софтвер од ДУНА пред само една недела, имајќи целосно функционален софтвер од 2006 година.

Колкава е големината на овој фалсификат, доказ е што во чисти македонски средини, поддршката отиде кај албанските партии. Обратното не се случува.

Во ваква ситуација, опозицијата треба прва да повика на поништување на изборите. Но, таа молчи и се расправа за неколку мандати.

СДС и ДПМНЕ повторно се јавија во улога на режисери на целиот процес, бидејќи имаше само нивни набљудувачи. Во целата нивна неодговорност, “закана“ им беа партиите од третиот македонски блок, како Глас за Македонија. Последиците од нивното однесување, ќе се видат веќе на локалните избори.

Глас за Македонија e партијата која е најмногу оштетена на овие парламентарни избори. Таа беше буквално предмет на брутален напад со фалсификување на волјата на народот. Партијата која до последен момент беше рамо до рамо или веднаш зад Левица, заврши со поддршка од само 0.3% во друштво на маргинални и речиси непознати партии.

Глас за Македонија која силно се дистанцираше и е против политиките на двата наши блока, беше предмет на распродажба на гласови.

Денес ќе поднесеме прговор до ДИК за индиции за тежок изборен фалсификат за нашата партија.

Имаме индиции и докази за:

На голем број на избирачки места каде со сигурност гласале наши луѓе од пратеничките листи и нивните семејства, на крајот во записниците има НУЛА гласови;

Нашите уредно пријавени набљудувачи, биле набркани од гласачките места;

На голем број избирачки места каде луѓе кој го набљудувале процесот, а се од администрацијата, ни јавуваа за над 2% поддршка, на некои места и 4%. На крајот, Глас заврши со неверојатни 0.3% на ниво на државата, што не е ни приближно на рејтингот на партијата потврден во многу анкети и на теренот;

Има голем број на неважечки ливчиња, каде е заокружена нашата партија, а потоа ливчето е направено неважечко.

Во ваквиот процес никој не смее да има доверба. Ова е само доказ дека кај нас нема независни институции и дека изборите се лажираат.

Глас за Македонија бара отворање на сите кутии, повторно пребројување на гласовите и вештачење на неважечките ливчиња.

Ако ова не се направи, бараме поништување на изборите!

Солза Грчева Претседател на пп Глас за Македонија



Автор: Администратор
Објавено на: 17/07/2020 17:02