Претседателот на Државната изборна комисија Оливер Дерковски вели дека Комисијата ги одбила или отфрлила сите приговори во однос на изборниот процес затоа што, како што посочи, ниту еден од нив не бил целосен и поткрепен со докази и записници.

-Немаше воопшто докази за приговорите и во тоа беше проблемот, рече тој во гостувањето на Топ Тема образложувајќи го одбивањето на сите приговори за изборите.

Веројатно, додава тој, подносителите си имаат свои причини зошто ги поднеле на тој начин.

-Да поднесете приговор во кој што ќе напишете три реченици и во кој што ќе објасните некоја ситуација за повреда на избирачко право или повреда на постапка за сумирање на резултати, без било каков конкретен доказ, записник од избирачкото место во кој се гледа дека е ставена забелешка од некој од присутните на гласачкото место, од подносителот, а да очекувате дека некој ќе ви прифати приговор, тоа нема да се случи, истакна Дерковски.

Тој појасни дека ДИК отфрлила 1.478 приговори од Левица бидејќи не биле потпишани. Дерковски тврди дека не е битен печатот, туку потребен е само потпис за да се идентификува подносителот и од тие причини како неуредни согласно Изборниот законик беа отфрлени тие приговори.

-Сите останати 505 или 504 беа со ист текст, и реченици кои беа копирани во сите приговори. Дури во нив имаше дваесеттина каде пишуваше „приговор за избирачко место нула“, рече претседателот на ДИК.

Тој потенцира дека во 61 приговор на Алијанса за Албанците и Алтернатива стои истото име на починат и истиот текст во образложението, вели Дерковски кој оценува дека тоа е несериозно однесување за една политичка партија.

-Политичките партии треба серизно да си ја сфатат работата и во иднина малку повеќе внимание да посветат на оваа постапка за да не се случуваат вакви работи, рече тој.

Потсети дека на претседателските избори имало целосни приговори поткрепени со докази со приложени засписници и доказен материјал по кои ДИК постапил и отварал гласачки кутии за да ги преброи гласовите во нив, но на овие избори немало ниту еден таков приговор.

Што се однесува до приговорите на ВМРО-ДПМНЕ за неважечките ливчиња, според кои граѓаните во текот на кампањата биле наведувани да го пречкртаат „Северна“ на ливчињата за подоцна да бидат прогласени како неважечки, вели дека доколку имаат такви наводи тогаш треба да поднесат пријава до обвинителството.

Во врска со тврдењата дека е можно да се направат злоупотреби во делот на пренесување на податоците од записникот 16 во 21 Деркоски вели дека резултатите се утврдуваат од записник 16 каде се утврдил резултат ноќта по изборите. Тие записници и целиот материјал, потенцира, го доставуваат до ДИК.

– Ние како комисија еден по еден записник го гледаме и за нас тој е валиден документ и од таму се внесуваат резултати во записникот 21. Ако има несовпаѓање во 21 ја повикуваме ОИК да изврши корекција на збир на бројки, можни се пермутации во збир на бројки, но записникот 21 за нас не е битен. Битни се записниците број 16, рече Деркоски.

Појасни дека кога се составува овој записник се брои секое едно ливче од кутијата во присуство на Избирачкиот одбор. Ако има забелешки, вели, треба тие да се внесат уште тогаш, бидејќи секој од присутните мора да се потпишат на него



Автор: Администратор
Објавено на: 21/07/2020 04:37