Генералниот секретар на Алијанса за Албанците Арбен Таравари вечерва за ТВ 24 Вести изјави дека заедно со Алтернатива идниот понеделник ќе одржат протестен марш со пораката „Доста е“, со цел да го изразат револтот против злоупотреба на гласовите и полнење на кутиите на изборите.

Како што најави Таравари, протестот ќе почне од скопски Чаир, а предвидено е да заврши пред канцеларијата на ЕУ во Скопје и пред Државната изборна комисија.

-Пораката од маршот е – доста е со полнење кутии, оставете го народот да ја изрази својата политичка волја, рече Таравари, додавајќи оти располагаат со имиња и презимиња дека гласале починати, а за тоа била информирана и Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР.

Таравари рече дека е извршена брутална кражба на гласови во албанскиот блок, а жалбите до Управен суд им се однесуваат на Петтата и Шестата изборна единица. Тој исто така не очекува дека ќе им бидат прифатени жалбите од Управниот суд.

На прашањето околу преговорите за формирање Влада, Таравари рече дека за нив се отворени сите опции, но главен услов е ДУИ да не биде дел од парламенатрното мнозинство, повторувајќи го ставот на партиското раководство дека по 18 години треба да се случи промена кај албанскиот политички блок.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/07/2020 02:25