Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги изготви Извештај од мониторингот на изборното медиумско претставување за време на Предвремените парламентарни избори 2020 година. Со мониторингот беа опфатени петте радио и телевизиски програмски сервиси што ги обезбедува Јавниот радиодифузен сервис (МРТ1, МРТ2, Собранискиот канал, Македонско Радио 1 , Македонско Радио 3 Програма на албански јазик) и комерцијалните национални телевизии: ТВ Алсат-М, ТВ Алфа, ТВ Канал 5, ТВ Сител, ТВ Телма, ТВ 21-М, ТВ Клан, ТВ Шења и ТВ 24 Вести. За другите програмски сервиси се постапуваше врз основа на претставки. Предмет на надзорот беше целокупната 24-часовна програма, од која беа анализирани и кодирани сите емитувани облици на изборно медиумско претставување, а анализата на дневноинформативните емисии беше спроведена врз централното издание на вестите. Мониторингот се спроведуваше следејќи ја веќе добро утврдената Методологија, којашто е заснована на светски релевантните меѓународни стандарди и практики за изборен мониторинг.

Имајќи предвид дека станува збор за парламентарни избори, согласно Изборниот законик, постигнувањето на балансот и во вестите и во посебните информативни емисии се одвива преку следење на принципот на пропорционална поделба на времето меѓу учесниците во изборната кампања согласно бројот на потврдени листи со кандидати за пратеници. На овие избори имаше петнаесет учесници во изборната кампања, од кои пет произлегуваа од партии кои досега беа во парламентот, а останатите беа вонпарламентарни субјекти.

Мониторингот покажа дека четирите програмски сервиси од Јавниот радиодифузен сервис, генерално обезбедија избалансираност во вестите исполнувајќи ја двојната формула за поделба на времето во вестите, иако беше нужно малку поголем дел да издвојат за дневните новости, за да можат да ја исполнат својата функција како јавен сервис - да ги пренесат релевантните информации за развојот на состојбата со Ковид-19 во сите делови од земјата.

Од друга страна, анализата покажа дека ниту една од комерцијалните телевизии не успеа целосно да го спроведе принципот за известување пропорционално на бројот на потврдени кандидатски листи и интензитетот на кампањата. Некои од телевизиите одлучиле акцентот во известувањето да го стават врз петте учесници во изборната кампања коишто произлегуваат од последниот парламентарен состав и да ги занемарат останатите десет вонпарламентарни субјекти. Други пак телевизии, одлучиле да известуваат и за вонпарламентарните учесници во кампањата, но притоа да се концентрираат на тоа да постигнат временски баланс меѓу двете најголеми коалиции – „Можеме“ и „Обнова на Македонија“.

Што се однесува до обврската на националните радиофузери да ја прилагодат својата програма така што ќе ги информираат за изборите и лицата со сетилна попреченост, единствено МРТ1 и ТВ 24 Вести ја исполнија оваа обврска, но тие и досега обезбедуваа вести на знаковен јазик.

Неисполнувањето на обврската од страна на другите телевизии се должи на тоа што ваквиот зафат бара и финансии и време, без оглед дали прилагодувањето ќе биде направено преку знаковен јазик или преку текстуални објаснувања.

Извештајот од изборното медиумско претставување за време на Предвремените парламентарни избори 2020 година ќе биде доставен на разгледување до Советот на Агенцијата, кој воедно ќе одлучува за покренување прекршочни постапки против радиодифузерите кои не обезбедиле баланс во известувањето.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/07/2020 16:05