Дека човек она што знае и умее да го работи може да го понесе со себе денес ни го докажа мајстор Никола од Ќустендил, соседна Република Бугарија. Калајџиството кое му е познато од прадедовците од дете и маката го натерала денес да ги понуди своите услуги на Делчевци, кои мајстор Никола и неговата сопруга можеа да ги сретнат на повеќе локации во градот.

Услугите на калајџиите се познати, па така сите оние кои имаа потреба од неговата работа денес своите оштетени и р’ѓосани казани, котли, тепсии и други бакарни садови му ги доверија на вредните раце на овој мајстор, кој како што самиот рече со ова се бави од детство.

– Јас сум мајстор Никола од Ќустендил, од дете сум со овој занает, со него си вадам леб. Ги чистам и калајџисувам сите оние садови од бакар кои можат да се исчистат. Тука сум со мојата бабичка која е болна, морам да работам за да купувам лекови, тешка ситуација но лебот чесно го заработувам. Што да правам, морам да работам, стар човек сум но мора да работам. Во Делчево ќе се задржам ден два нема многу да останам. Секој кој што има нешто за поправка лесно ќе ме најде низ улиците во Делчево, вели мајстор Никола.

Тој накратко ни раскажа што се од алат е потребно за добро да ја заврши работата.

– Садовите мора да се чистат и да се рибаат со песок, потоа да се крпат и пеглаат. Имам повеќе алатки меѓу кои, клешти, калај, нишадор, со еден збор имам се од потребниот алат, а кајаџисувам секакви садови. Од казани, тепсии, котли, тенџериња и се што спаѓа во таков вид садови. Еве може да видите како работам нема да ви забранам, погледнете како ги крпиме старите тепсии и котли. Еве еден веќ готов видете како нов е, додава мајсторот од Ќустендил.

Со работата како што додава ја обиколил цела Македонија, а за цената се договара со муштериите во зависност од големината на садовите.

– Во Бугарија има повеќе занаетчии има работа, многу сме јас сум свикнал во Македонија, ги сакам Македонците на кои им посакувам да се живи и здрави, бидејки јас остарев во Македонија. Од Гевгелија, Охрид Ресен, нема каде не ме знаат, оти чесно работам. За цената се пазариме, се погодувам со луѓето, со Македонците се погаѓаме за цената бидејки тие се злато луѓе, додава Никола.

Со коронавирусот во Бугарија, како што вели, се справиле лесно.

-Нема лошо од вирусот кај нас, јас работам со киселини и го горам вирусот, рече како низ шега стариот мајстор.

Мајстор Никола остана да чука со чеканот и да си ја работи својата работа, а ние му посакавме да си заработи онолку колку што му треба. Се понуди бесплатно да ни поправи бакарни садови и навистина услугата беше повеќе од задоволителна.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/08/2020 15:52