Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски одговорајќи на новинарски прашања по денешната конститутивна седница истакна дека не е баш сигурен дека неговиот политички опонент ќе успее да формира стабилно парламентарно мнозинство како што тој најави.

- Јас не би сигурен во она што бил сигурен господинот Заев, тоа се покажа во изминативе месеци дека не е баш така она што го кажува господинот Заев, но да јас се согласувам дека се потребни четири години стабилна влада, влада којашто ќе биде реформски ориентирана влада која што ќе нема луѓе позади кои ќе има бројни коруптивни афери, луѓе кои во минатото гледавме како посегнуваат по мито, по корупција, луѓе кои што се аболирани за сторен криминал. Се согласувам со господинот Зоран Заев во една работа дека е потребна една таква влада во која што ќе партиципираат луѓе кои што нема да бидат обременети со криминал и афери од минатото нивно политичко делување, туку вистинска четири годишна реформска влада која што ќе ги спроведе сите оние реформи кои што се неопходни пред како приоритет реформите во судството што ќе значи борба со криминалот и корупцијата, реформите во здравствениот систем затоа што знаете ние потрошивме една милијарда евра со изговорот дека ќе се бориме со Ковид пандемијата и ќе ги санираме последиците од економската криза. Кај нас Ковид пандемијата наместо предвидените 2000, сега за 5 ипол пати е поголема бројката и натфрли 11.000. имаме веќе 500 луѓе кои го загубија својот живот. Во економијата бележиме двоцифрени стапки на опаѓање, во образованието буквално никаква стратегија така што вистинското прашање е кој ќе понесе одговорност за оваа една милијарда евра потрошени пари на граѓаните. Денеска ги задолживме граѓаните за 2000 евра секое семејство, за 120 000 денари, да не зборувам за поскапувањето на цената на електричната енергија за тоа во деновите кои следат. Да потребна е вистинска реформска влада која што има јасен план и визија како да се справи со овие предизвици, а не влада која ќе остане обременета во криминал и корупција и ќе прави реминисценција на некои минати времиња. Влада која што ќе понуди програма и филозофија, а не влада која ќе се занимава со басни, истакна Мицкоски.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/08/2020 16:26