Новонастанатата ситуација предизвика реакција и кај студентите и кај професорите на Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип, и заедно дојдовме до став дека целта на Универзитетот е да не се прекине образовниот процес и дека ги имаме сите услови за успешно да го завршиме семестарот. Сите го прифативме тој предизвик, на крајот од семестарот, речиси 70 отсто од студентите беа задоволни од онлајн наставатa и се изјаснија дека би продолжиле и наредниот семестар со онлајн ако се уште ги имаме рестрикциите поради пандемијата.

Ова во во интервјуто за МИА го подвлекува ректорот на УГД-Штип, академик Блажо Боев.

Вели дека по сите состојби кои настанаа поради коронакризата, образовните политики ќе мора да ги променат своите правци на однесување, со цел да им помогнат на учениците и студентите да влезат многу поподготвени во дигиталниот свет.

Во продолжение следи целото интервју со Боев.

Ректоре Боев деновиве пристигна признание од компанијата „Мајкрософт“, која токму на својата официјална веб страница го издвои Универзитетот „Гоце Делчев“ како најуспешен Универзитет во Република Северна Македонија за преминување од физичко во учење на далечина. Во услови на пандемија, кога образованието трпи најголеми реформи на светско ниво, колку тешко беше да се прифати новата реалност, далечинско учење?

Соработката со „Мајкрософт“ е од самиот почеток на Универзитетот. Ова не е првпат за УГД да добие вакво признание, веќе подолго време Мајкрософт го издвојува и препознава УГД како пример во образованието, уште во 2010 година., беше промовирана успешната соработка на „Мајкрософт“ кој доби шанса да биде вистински стратешки партнер во развојот на ИТ инфраструктурата на Универзитетот. Токму тие одлуки на УГД од самиот почеток денес резултираат со извонредно успешен дизајн и имплементација на серија од решенија кои на студентите, професорите и администрацијата им овозможуваат пристап до компјутерската мрежа – комплетно електронско студирање вклучувајќи платформи за учење и комуникација. Новата реалност создава многу предизвици и сериозно влијае универзитетот да го менува својот профил во универзитет кој е истражувачки компетитивен, информатички препознатлив и достапен, затоа треба постојано да се инвестира во напредни научни и информатички технологии кои ќе бидат достапни до сите студенти. Ова решение и платформата на УГД на која е изградена обезбедува стабилност и континуирана надградба на системот не само следејќи го природниот развој на институцијата, туку и негово активно забрзување.

Учениците онлајн учењето го доживуваат несериозно, но како студентите и универзитетските професори на штипскиот Универзитет го прифатија?

Јас не би рекол дека младите онлајн учењето го доживуваат несериозно, повеќе мислам дека станува збор за друга концепција и организација на учење, за која ние како образовен систем сме многу малку подготвени. После сите овие состојби, мислам дека образовните политики ќе мора да ги променат своите правци на однесување со цел да им помогнат на учениците и студентите да влезат многу поподготвени во дигиталниот свет. Новонастанатата ситуација предизвика реакција и кај студентите и кај професорите на УГД, и заедно дојдовме до став дека целта на Универзитетот е да не се прекине образовниот процес и дека ги имаме сите услови за успешно да го завршиме семестарот. Сите го прифативме тој предизвик, на крајот од семестарот речиси 70 отсто од студентите беа задоволни од онлајн наставатa и се изјаснија дека би продолжиле и наредниот семестар со онлајн ако се уште ги имаме рестрикциите поради пандемијата. Во оваа прилика сакам и јавно да се заблагодарам на моите колеги професори и целиот кадар кој успешно се справи во предизвикот, беа организирани повеќе од 11 000 онлајн средби со нашите студенти и беше успешно завршен семестарот.

Наставниците, универзитетските професори со долгогодишно искуство велат дека физичкото присуство на учениците и на студентите е незаменливо во наставата. Лекциите, наставните содржини можат да се предаваат и преку електронска форма, но што со оној дел кој е многу важен, а тоа е практичниот дел, изведување на настава во лаборатории, фабрики, компании. Според вас како може да се надомести праксата или ќе се чека крајот на пандемијата?

Постојат некои работи во овој свет кој не можат да се заменат. Не можат да се надоместат. Таков е случајот и со праксата на студентите, чија што цел е предавањето и идеите од теоријата да се доживеат во физичкиот свет. Праксата во текот на студиите е неопходна за стекнување и градење на знаењето. Оттука, Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип веднаш реагираше и во однос на ова прашање. Ограничувањето во овие активности доаѓаат од самите специфики на студиските програми и користењето на опрема и простории кои поради пандемија не ни се на располагање, како клинички центри, ординации, судови, училишта итн. Па затоа донесовме одука на нашите органи според која сите активности поврзани со практичната настава да се одвиваат во тек на студирањето. Со ова даваме доволно простор предвидените активности да се спроведат кога ситуацијата ќе се подобри.

Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип уште пред неколку месеци ја почна кампањата за уписите на студенти во прва година. Први направивте електронска платформа, а веќе во понеделник почнува и уписот со физичко доставување на документите. Според анализите, колку студенти очекувате да се запишат на еден од факултетите и на трите академии, остануваат ли и понатаму најатрактивни медицинските науки?

УГД од почетокот на јули го отвори својот систем за онлајн пријавување. Ова го направивме за да овозможиме на заинтересираните кандидати да можат да се пријават навремено и во текот на летниот период да ни ги достават документите. Сето ова го направивме поради пандемијата и до сега голем број на кандидати го искористија летниот период за да се пријават. Од понеделник, 24 август започнува и официјално првиот уписен рок. Системот за пријавување е отворен и кандидатите ќе можат да се пријавуваат и доставуваат документи до 1 септември, кога завршува првиот уписен рок. Изминатите години интересот беше поголем за Факултетот за медицински науки, но од година во година и интересот за студирање на различни факултети се менува. Сметам дека е рано да се зборува за очекувани бројки на новозапишани студенти. Тоа ќе може да го коментираме по завршувањето на првиот уписен рок.

Секоја година доделувате стипендии за најдобрите студ енти, дали ова ги мотивира?

Да како и претходните години, така и оваа година УГД планира првите 210 новозапишани студенти што ќе имаат најдобар успех од средно образование да може да студираат бесплатно во прва година, односно ќе бидат ослободени од плаќања на партиципација. Предвидени се на Факултет за медицински науки за 30 те најдоброрангирани кандидати, Земјоделски факултет, Економски факултет, Правен факултет, Факултет за природни и технички науки, Факултет за туризам и бизнис-логистика и Факултет за информатика – 20 те најдобро рангирани кандидати, Електротехнички факултет, Машински факултет, Технолошко-технички факултет, Факултет за образовни науки и Музичка академија за 10-те најдобро рангирани кандидати. Ликовна академија и Филмска академија – ослободувања од партиципации за првите пет најдобро рангирани.

Мора да споменам дека на Филолошки факултет се предвидени 66 ослободувања од плаќања од партиципација за прва година. На овој факултет веќе беа доделени шест вакви ослободувања од партиципација преку организирани конкурси за средношколците. Дополнително е предвидено сите запишани студенти на Катедрата за македонски јазик да бидат ослободени од партиципација за прва година. Остатокот од предвидените погодности ќе бидат распределени на рангираните студенти според успехот од средно образование на катедрите за италијански, турски, англиски, германски и француски јазик. УГД секоја година ги ослободува од плаќање партиципација за прва година и студентите од ромска националност кои ќе се запишат на Универзитетот, а предвидени се и истите мерки и за оние кандидати кои што се дел од спортските тимови на УГД, ако истите се решат да бидат дел од нашиот универзитет.

Дали Универзитетот “Гоце Делчев“ има проблем со недостиг на наставен кадар и доколку имате на кои конкретно факултети?

Прашањето со кадарот на Универзитетот е комплексно. Јас како ректор имам малку поинаква визија за тоа како треба да се реализира концептот на наставата и науката во високото образование и ангажирањето на кадарот, но тоа бара промена на образовната парадигма, и универзитетот реално има скромни можности ова прашање да го решава долгорочно. Што се однесува за УГД, во моментот, кадровското екипирање ги задоволува моменталните барања за нормално функционирање на Универзитетот. Секако потребно е подобрување на оптималниот број професори во однос на број на студенти, а и рамномерна застапеност на професорите на единиците на Универзитетот. Основа за овие подобрувања се показателите во однос на оптовареност на професорите како и на потребите и бројот на акредитираните студиски програми.

Ректоре Боев според вас какви реформи се потребни во македонскиот образовен систем, изминатите години се нижеа безброј, беа критикувани и оспорувани и дали тоа се должи што во нив не беа вклучени токму оние кои се во наставата, практичарите?

Денес во 21-от век најуспешни се оние општества, оние системи кои развиваат концепт и култура на т.н. споделена одговорност. Тоа значи дека во креирањето на образовните политики и стратегии треба да се вклучат сите: МАНУ, Универзитетите, стопанството, невладиниот сектор и пошироката општествена заедница. Тие си се потребни еден на друг и зависат еден од друг. Тоа значи, најпрвин, поинаков однос едни кон други, зголемена проактивност, зголемена финансиска поддршка, стипендирање на младите. Потребна е визија за нашето образование. Во оваа прилика би споменал некои мои размислувања кои сметам дека се клучни за поквалитетен образовен систем: долгорочна стратегија создадена со консензус дека нема да се менува со политичките програмски промени, поголема автономија на универзитетите, многу поголемо вложување во науката и истражувањата, конзервативноста на академската заедница и многубројните административни пречки доведуваат до неповратно одлевање на квалитетни кадри во странство, а со тоа се намалува и капацитетот за воспоставување на општество и економија која е заснована на знаење.

Повторно видување што е всушност Болоњскиот процес? Дали е тој само реформа на високото образование или многу повеќе од тоа? Во суштина тој е многу тесно поврзан со промените и во економијата и политиката, во културата, во стопанството, во целото општество, а кои доведуваат до светски економски пазарни стандарди кои вмрежуваат повеќе економии, појава на нови професии и занимања, интелектуализација на работната сила и потребата за се повисоки степени на образование, развивање на отворени општества, меѓународна соработка.

Викторија Димитрова-Јованова



Автор: Администратор
Објавено на: 23/08/2020 18:13