Втор Форум на креативните градови за филм од мрежата на УНЕСКО, „Создавање на градот на иднината“ се одржува во „Бела куќа“ – Битола и Центар за култура-Битола.

На денешната програма од 11 часот во „Бела куќа“ – Битола е предвидено вклучување на високи претставници на креативните градови за филм од мрежата на УНЕСКО – Тераса (Шпанија), Бусан (Јужна Кореја), Лоѓ (Полска), Рим (Италија), Сараево (БиХ), и други градови-членки на кластерот филмски градови на УНЕСКО, како и претставници од домашните релевантни институции, невладиниот и бизнис секторот кои работат во креативните индустрии и филм.

Форумот го организира Здружението за филмска уметност Центар за филм Битола во насока на зголемување на соработката помеѓу градовите во областа на иновациите и едукацијата. Ова е прв форум од ваков вид кај нас и во регионот.

Инаку, Форумот почна вчера со бесплатна проекција на бугарскиот филм „Слава“ на дуото Грозева-Валчанов. Форумот е од исклучителна важност за градот Битола како рамноправен член на креативните градови за филм од мрежата на УНЕСКО од 2015 и еден од 18-те градови кои се дел од овој филмски кластер на УНЕСКО, единствен од Македонија и еден од ретките од регионот. Мрежата е клучен партнер на УНЕСКО. Целта е да придонесе за ефективен развој и промоција на филмската индустрија преку спроведување на целосна проценка, подобрување на националните капацитети и организирање на промотивни настани во оваа област. Меѓу целите на Форумот е да делува и како единствена платформа која членовите можат да ги искористат за да ги унапредат своите партнерства и да донесат за нови идеи и соработка.

Проектот е поддржан во рамки на Годишната програма за финансирање проекти од национален интерес на Министерството за култура.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/08/2020 16:56