Народната банка ги објави статистичките податоци за безготовински платежни трансакции на виртуелните места на продажба заклучно до 30.06.2020 година.
Согласно податоците за бројот на реализирани трансакции во текот првите шест месеци од 2020 година, објавени на веб страната на НБРСМ бројот и вредноста на реализирани онлајн нарачки и купувања во текот на минатата година покажува дека е-трговијата во земјава е во пораст. Во текот на првите шест месеци од 2020 година реализирани се вкупно 4.300.584 онлајн трансакции во земјата и во странство, наспроти 3.161.899 онлајн трансакции во текот на првите шест месеци од 2019 година што претставува пораст од 36%. Од аспект на вредноста, исто така се забележува пораст. Во текот на првите шест месеци од 2020 година вредноста на онлајн трансакциите реализирани во земјата и во странство, изнесува 104,5 милиони евра, што во споредба во првите шест месеци од 2019 година кога се реализирале 84,1 милиони евра претставува пораст за 24,3%.
Износот на трансакции кои се реализирани онлајн кон домашни е-трговци продолжува да расте Пандемијата со корона вирусот влијаеше кон промена на навиките на домашните купувачи, кои голем дел од онлајн купувањето наместо кон странски земји го пренасочија кон домашни е-продавници. Влијание кон ова секако имаше и затворањето на границите и комплексноста која се појави со доцнењето со испорака на производи купени од странство. Но, иако работите полека се враќаат во нормала, сепак навиките за онлајн купување остануваат кај граѓаните.
Во оваа категорија, евидентно е дека македонците во текот на првите шест месеци од 2020 година стекнуваат се повеќе доверба кон е-трговијата и онлајн нарачките, а тоа може да се заклучи од растот на бројот и вредноста на онлајн трансакциите со домашни картички, особено кон домашни е-продавници. Голем дел од онлајн трансакциите кои во претходниот период се одлевале од државата, кон странски земји во текот на првите три месеци, а особено во месец март се пренасочени кон домашни е-продавници.
Благодарение на растот на онлајн понудата од страна на домашните компании, износот на трансакции кон домашните е-продавници пораснал во однос на странските е-продавници.
Конкретно, 70,6% од вредноста на онлајн трансакциите реализирани со платежни картички издадени во Македонија се реализирале во земјава, додека само 29,4% од трансакциите се реализирани кон онлајн трговци во странство, што претставува нагорен тренд во однос на минатата година, кога вредноста на трансакциите кои се реализирани во земјава со платежни картички издадени во Македонија изнесувал 59,4% од вкупната вредност на трансакциите.
Продолжува феноменалниот раст на бројот и вредноста на реализирани онлајн трансакции кон домашните е-трговци
Имателите на домашни платежни картички (платежни картички издадени од македонски банки), значајно го зголемиле бројот и вредноста на онлајн трансакциите во првото полугодие на 2020 кон е-продавници кои функционираат во земјава.
Бројот на онлајн трансакции реализирани од страна на физички лица во првото полугодие годинава, во корист на виртуелни места на продажба во Македонија бележи пораст од 122,6% во однос на истиот период претходната година. Конкретно, годинава реализирани се вкупно 2.564.005 трансакции, за разлика од претходната година кога биле реализирани 1.151.741 трансакции.
Ако ја земеме предвид вредноста на онлајн трансакциите реализирани со домашни платежни картички кон онлајн продавници во земјава, исто така се соочуваме со огромен раст имајќи предвид дека во текот на првото полугодие во 2020 година се потрошиле 69,4 милиони евра од македонски купувачи кон македонски компании кои продаваат онлајн, за разлика од 32,5 милиони евра во текот на истиот период минатата година. Станува збор за раст од 113,5%.
Во Македонија заклучно со 30.06.2020 година активни се 1.223 онлајн продавници
Согласно податоците за бројот на виртуелните места на продажба (веб страници за е-трговија), заклучно со 30.06.2020 година во Република Северна Македонија активни се 1.223 продажни места.
Станува збор за активно регистрирани витруелни продажни места кои се пријавени од страна на петте банки кои во моментов нудат е-трговија како дел од своето портфолио на услуги.
За период од шест месеци во текот на 2020 година бројот на онлајн продавници се зголемил за 203 новоотворени. Доколку ја земеме предвид бројката на нови онлајн продавници за периодот од април до јуни годинава, истата се зголемила за 145 новоотворени, односно секој ден се отворале по 2 онлајн продавници што претставува одлична динамика на раст на онлајн понудата во земјава, која понатаму неминовно предизвикува раст на побарувачката и целокупната е-трговија.