Сојузот на синдикати на Македонија е задоволен поради тоа што е прифатен нивниот предлог за воведување повеќе услови за пензионирање, но дополнително ќе се разгледува кои од условите ќе бидат земени предвид.

ССМ кон средина на јули уште еднаш јавно побара да се разгледаат нивните предлози, искажани преку ставовите на работниците, веднаш по изборот на новата Влада, бидејќи сметаат дека не може работници од различни дејности, кои имаат различна тежина на работа, да одат под исти услови во пензија.

Синдикатот покрај постојниот услов за пензионирање, побара да се воведат и неколку други услови.

Барањата се старосна пензија, односно 35 години работен стаж за жените, 40 години работен стаж за мажите, без оглед на возраста. Старосна пензија по возраст или работен стаж во зависност од дејноста.

Од Синдикатот појаснуваат дека работниците во државата се вработени во различни дејности и извршуваат работни задачи во различни услови. Затоа, според нив, е потребно со закон да се предвидат различни услови за пензионирање за градежен работник, текстилен работник или рудар, за разлика од работниците кои на пример се вработени во администрацијата.

Доколку се утврдат различни услови за пензионирање, условите ќе бидат избор на работниците, а не задолжителни, односно работникот ќе одлучи под кои услови ќе сака да се пензионира, предлагаат од ССМ.

Синдикатот предлага да се воведе и предвремена старосна пензија, што работниците ќе можат да ја остварат на возраст од 60 години, со минимум работен стаж од 15 години. Работниците вклучени во оваа група ќе бидат лица кои работат, но поради здравствени причини не можат да продолжат со работа, а не можат да се прогласат за инвалиди, поради стечај или ликвидација или се невработени лица кои го исполнуваат условот од минимум 15 години работен стаж.

Овој услов за пензионирање, појаснува ССМ, во речиси сите земји од Европската Унија е познат како општ услов за пензионирање и тој се остварува на 60 годишна возраст.

ССМ бара од Владата да им се овозможи на работниците сами да го платат придонесот за пензиско и инвалидско осигурување доколку го немаат исполнето условот минимум 15 години работен стаж, односно работници на кои им недостигаат до три години работен стаж од минимални 15 години.

Синдикатот бара и воведување на бенефициран стаж за градежните работници и работници од други дејности каде што работните задачи се одвиваат во особено тешки услови што влијаат штетно врз животот и здравјето на работниците.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/09/2020 12:33