По затегнувањето на глобалните финансиски услови со раст на каматните стапки и отежнат пристап до финансии во март, во последниов период на меѓународните финансиски пазари се забележува постепено стабилизирање, оценува гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, во интервју за неделникот „Фокус“.
Како што истакнува, стабилизирањето на меѓународните финансиски пазари е видливо преку порастот на цените на акциите, намалувањето на премиите за кредитен ризик, но и подобрените општи согледувања за брзорастечките економии и земјите во развој, видливи преку помалите капитални одливи од овие економии. Дополнителен сигнал којшто посочува на постепено нормализирање е и намалувањето на каматите на должничките инструменти издадени од овие земји, по наглиот раст на почетокот на ковид-кризата, при што тековно каматите се на слично ниво со преткризниот период.
Според гувернерката, иако неизвесноста за економските последици од пандемијата и натаму е присутна, има неколку аспекти коишто упатуваат на можност за постепено намалување на интензитетот на негативните ефекти во периодот што следува, доколку не дојде до поголема ескалација на здравствената криза.
–Прво, монетарната и фискалната реакција на развиените економии беа силни и брзи – значајно побрзи во споредба со глобалната економска криза од 2008-2009 година и со самото тоа оневозможија ликвидносни недостатоци на глобалните пазари. Второ, по искуството со првиот бран на пандемијата, пазарните очекувања се дека реакцијата на понатамошниот тек на здравствената криза веројатно нема да биде повторно со целосно затворање на економиите, се разбира доколку нема позначајна ескалација на состојбата. Трето, не смееме да заборавиме дека за разлика од други епизоди, оваа епизода не е одраз на претходен неодржлив модел на економски раст, со што и трајноста на последиците би требало да е помала доколку се спроведуваат соодветни макроекономски политики. На крајот, не е исклучено дека пандемијата ќе се одрази повеќе на некои услужни дејности, но истовремено очигледно го забрзува процесот на дигитализација во сите сегменти, што може да значи иден поголем потенцијал за економски раст, вели Ангеловска-Бежоска за „Фокус“.
Во интервјуто, гувернерката посочува и дека според априлските проекции на Народната банка, најголем негативен ефект се очекува во второто тримесечје од оваа година. Притоа, краткорочните економски индикатори упатуваат дека ефектот е најизразен во периодот април-мај.
–Bo јуни, годишниот пад и на производството во индустријата и во извoзниот сектор позначајно забавува. Ваквите остварувања, делумно се одраз и на нашата вклученост во глобалните синџири на производство на автомобилската индустрија, коишто привремено беа прекинати, но веќе од мај започнаа да функционираат, оценува Ангеловска-Бежоска.
Пакетот мерки на Народната банка овозможи непречено кредитирање и финансиска поддршка за економијата преку банкарскиот систем, што е видливо преку солидната стапка на раст на кредитите на крајот на јули од околу 8 отсто на годишна основа. Овој раст е на ниво на растот остварен на пример, во Хрватска, а е евидентно повисок од растот во Албанија, Бугарија и Словенија, како и во еврозоната.