Фондот за осигурување депозити ги информира депонентите на „Еуростандард банка” АД во стечај со право на обесштетување дека во вторник, на 15 септември 2020 година, ќе почне исплатата на обесштетувањето на осигурениот износ на нивниот депозит до законски утврдениот максимален износ од 1.850.889 денари.
Исплатата ќе се извршува преку четири деловни банки.
-Депонентите чие ПРЕЗИМЕ започнува на буквите А, Б, В, Г и Д ќе се исплаќаат во експозитурите на “Комерцијална банка” АД Скопје на целата територија на Република Македонија. Депонентите чие ПРЕЗИМЕ започнува на буквите од Ѓ, Е, Ж, З, Ѕ, И, Ј, К, Л и Љ ќе се исплаќаат во експозитурите на “НЛБ Банка” АД Скопје на целата територија на Република Македонија. Депонентите чие ПРЕЗИМЕ започнува на буквите од М, Н, Њ, О, П и Р ќе се исплаќаат во експозитурите на “Стопанска банка” АД Скопје на целата територија на Република Македонија. Депонентите чие ПРЕЗИМЕ започнува на буквите од С, Т, Ќ, У, Ф, Х, Ц, Ч, Џ и Ш ќе се исплаќаат во експозитурите на “Халкбанк” АД Скопје на целата територија на Република Македонија. Депонентите – самостојни вршители на дејност со личен труд кои во „Еуростандард банка“ АД Скопје во стечај биле регистрирани како ТП (трговци поединци) или Адвокат Име Презиме или Извршител Име Презиме или со назив на дејноста, на пример, Месарница, своето обесштетување ќе го подигнат според првата буква од називот, информираат од Фондот.
Покрај документ за идентификација (лична карта, пасош) потребно е да се приложи и доказ за регистрација на стопанската дејност (тековна состојба).
-Потврдите за сопственост на депозит ќе се издаваат директно во банките – исплатувачи, кога депонентот ќе дојде во банката да го оствари правото на обесштетување. За да се оствари правото на исплата на обесштетувањето, депонентот мора да ја подигне и потпише Потврдата на шалтер во банката исплатувач каде е распределен за подигнување на средствата, наведува Фондот.
Банките – исплатувачи ќе вршат исплата на средствата само на сопственикот на сметката/законскиот застапник/старател наведен во Потврдата, со приложување на важечки документи за идентификација.
Полномоштвата/овластувањата кои депонентите веќе ги имаат издадено за располагање со средствата на своите полномошници/овластени лица за депозитот во “Еуростандард банка” АД Скопје ќе важат и при исплата на обесштетувањето во банките-исплатувачи и нема потреба да издаваат нови полномоштва/овластувања за оваа намена.
-Во случај на спреченост депонентот лично да го оствари своето право на обесштетување, банките – исплатувачи ќе вршат исплата на средствата и на лице овластено врз основа на полномоштво заверено од нотар. Во случај кога сопственикот на депозитот е починато лице, неговите наследници треба да се обратат во Фондот за осигурување на депозити и да приложат документи за идентификација и наследно решение со цел да се спроведе исплатата на обесштетувањето, објаснуваат од Фондот.
Предмет на обесштетување се главнината на депозитот, договорената пресметана и припишана камата и непристигнатата камата до 12 август 2020 година. Во случај кога депонентот има обврски кон банката, вкупниот износ на депозити на депонентот коишто се предмет на обесштетување се намалува за износот на неговите вкупни обврски кон банката.
Во случај депонентот да има активни блокади евидентирани во Единствениот регистар на трансакциски сметки, банката-исплатувач независно од износот на обесштетување, нема да изврши готoвинска исплата на средствата за обесштетување и ќе отвори трансакциска сметка на име на депонентот на којашто ќе изврши пренос на средствата за обесштетување.
Секој депонент ќе има на располагање 36 месеци, односно три години од денот на почеток на исплатата, за кога ќе биде во можност да го оствари своето право на обесштетување во банките-исплатувачи.
По истекот на овој временски период (3 години), депонентите односно нивните наследници кои од различни причини не можеле да го остварат своето право на обесштетување во банките – исплатувачи, исплатата на обесштетување ќе може да ја остварат преку Фондот за осигурување на депозити кој ќе обезбеди обесштетување независно од тоа кога депонентот ќе достави барање за остварување на своето право на обесштетување.