Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) денеска го промовираше Јавниот повик за доделување финансиски средства преку иновациски ваучери.

Целта на Повикот е поттикнување на соработката меѓу компаниите и науката во насока на спроведување иновациски активности кои ќе ја зголемат конкурентноста на бизнисите. Преку ваучерите ќе се доделат вкупно 15.000.000 денари.

Средствата може да се искористат за развој на нови или искористување на постојните производи, услуги, процеси, за технички спецификации, за производство на лабораториски прототипови, за различни видови испитувања, за валидација на технологија, за развој на посебни софтвери, за организирање специфични обуки,…

Како што истакна директорот на ФИТР, Јован Деспотовски, Повикот ќе биде објавен на 1 октомври и ќе трае додека проектираните средства не бидат доделени. Апликациите ќе се поднесуваат електронски. Рокот на искористувањето на ваучерите ќе биде шест месеци од потпишувањето на договорот меѓу претпријатието-корисник и ФИТР, а со нив ќе може да се покријат 80 отсто од трошоците или максимум 500.000 денари без ДДВ. Една компанија може да добие најмногу два ваучера, но не за ист повик.

-Апликанти може да бидат мали, микро и средни претпријатија кои ги исполнуваат конкретните услови дефинирани во Повикот, а давачи на услуги од областа на науката високо-образовни установи, унивезритети и институти, како и МАНУ, истакна Деспотовски.

Директорот на ФИТР нагласи дека ова е прв ваков Повик досега во земјава кој ќе ги поврзе бизнисот и академската фела, а компаниите нема да добиваат директна помош туку средствата ќе се реализираат преку академскиот кадар кој водено сам и ќе ја одреди цената на своите услуги.

Министерката за образование и наука Мила Царовска истакна дека со овој нов инструмент за соработка на бизнисот и науката ќе вложиме многу повеќе што е од интерес на сите страни.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/09/2020 17:04