Годинава реколтата тутун ќе биде помала за 3.500 тони и ќе тежи околу 23.000 тони, но може и помалку, а квалитетот е приближно на ланското ниво, проценува Методија Стомнароски, претседател на Сојузот на земјоделските здруженија на Македонија.
Годинава, вели Стомнароски, зависеше од временските услови. Инаку две третини од родот се собрани од нивите.
-Досега околу 70 отсто е набран тутунот. Квалитетот многу нема да се разликува од ланскиот, само што при втората берба, поради дождовите, листовите се покрупни. При склучувањето на договорите пролетоска, реколтата се заокружува на 23.000 тони. Мислиме дека може годинава и да не се собере толку тутун и реколтата да биде помала зашто прво имавме голема суша, а со дождовите имаше оболување на тутунот и можност за помали количества. Оваа година се помалку околу 3.500 тони. Зошто е така, за тоа треба да одговорат откупните компании, а и побарувачката и понудата на тутунот на пазарот, изјави Стомнароски.
Тутунарите уште при склучувањето договори со откупувачите пролетоска побараа и сѐ уште бараат повисоки откупни цени по класи. Поради пандемијата одложија, но сега ги интензивираат разговорите со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, со Инспекторатот, Стопанската комора и со откупувачите. Дел малку ги зголемија цените, но недоволно.
-Со почетокот на садењето баравме, сѐ уште бараме, зголемување на цените. Некои откупни претпријатија нешто ги зголемија цените. Но, ние ќе продолжиме со барањето за зголемени цени и барем, со анекси, да се додадат на договорите за да немаме проблеми при откупот на тутунот. Ние баравме првата класа да остане 280 денари за килограм, втората да биде 220, третата класа 170 и четвртата класа да биде 90 денари за килограм откупен тутун. Засега, некои компании втората класа ја зголемија на 206 денари, третата на 155 и четвртата е веќе на 90 денари. До Министерството за земјоделство, до Стопанската комора и до откупните претпријатија поднесовме предлог-правилник. Бараме да се изменат мострите на тутунот, всушност, како што беа мерилата за откуп последниве години. Сега ги активираме состаноците и со надлежните ќе седнеме да се договориме пред почетокот на откупот, објаснува Стомнароски.
Според прилепскиот долгогодишен тутунопроизводител Ристо Џамбазов, кој годинава очекува род од околу 3 тони, најголем проблем е недостигот од работна рака. Главна причина е што е тешка физичка работа.
-Има недостиг од работна рака. Сега некој да побара аргат, не може да најде. Ова претежно го работат жени. Причината за недостигот, главно, е зашто ова е тешка физичка работа. Текстилни работници кои може да работат во викенди, но за повеќе денови, тешко може да се најдат аргати. Инаку, за берење, сатнината е од 160 до 170 денари, а според една нанижана низа е 55 до 60 денари. Не е многу, но производителите не може да издвојат повеќе пари зашто и кај нив добивката е ограничена, вели Џамбазов.
Тутунарите очекуваат поволно време за да ја приберат последната третина од годинашниов род на тутунот.